Охридскиот советник, бизнисмен и бегалец од правдата Нефи Усеини го проширува бизнисот. Тој е во бегство, но тоа не го спречи да си отвори нова фирма во Битола за производство на градежни материјали. Фирмата Бетон 2020 Н&О ДОО Битола е партнерска заедно со битолчанецот Оливер Тиловски, а Нефи Усеини е нејзин управител, пишув скопскиот портал Курир.

Денес е шестиот ден како полицијата не може да го лоцира Усеини за кого е определена мерка притвор и е во бегство. За овој случај полицијата и охридското обвинителство ги гонат Нефи Усеини и неговиот брат за две кривични дела, насилство и недозволено држење на оружје откако на снимки од безбедносните камери на местото на инцидентот е снимен инцидентот. Потрагата по Усеини продолжува и покрај пишаната амнестирачка изјава од неговата жртва Спирко Топалоски кој ја смени првичната изјава и сега тврди дека само се скарале со советникот и не видел пиштол. По барање на судот, обвинителството му определи притвор од осум дена, но наместо да биде во ќелија тој си отвори нова фирма, истакува Курир.