Скиснатите изрази на лицата на партиските функционери се најдобар доказ дека ни тие веќе не веруваат во лагите на единствениот политичар во Европа кој е два пати аболиран за тежок криминал. Скапите хотели и луксузните сали не може да го разубават општиот грабеж по принципот „Евро за Вицето“ кој оваа врхушка го практикува цели две години.
Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот форум на Владата.
– СДСМ денеска наместо да работи, прославува неуспеси, расипништвото и пропуштените шанси во изминативе две години. СДСМ наместо да ги тргнат розевите очила и да се соочат со реалноста, продолжуваат да ги лажат граѓаните. Република Македонија предводена од СДСМ тоне во корупција и криминал. Во сите релевантни меѓународни извештаи јасно се говори дека земјава има ниво на корупција полошо од афричките земји како Руанда, Намибија и Буркина Фасо. Воедно постои дослух и спрега помеѓу мафијашките картели и власта, дека нема борба против организираниот криминал, туку напротив власта преку сомнителните тендери, јавни набавки, грантови и непотизмот е креатор на овие негативни појави во Македонија. Наместо реформи во правосудството сведоци сме на заробено и партизирано судство кое работи под диктат на Зоран Заев. СДСМ создаде Рускоска обвинителство и Кацарска судство кои имаат за цел да вршат политички прогон врз неистомислениците и критичарите на власта од една страна, а да го аменстираат евидентниот криминал на владејачката структура како што тоа беше во случајот со „евро за Вице“, крвавите тендери и сите останати криминали на бизнис империите блиски до Заев и врхушката на власт, се вели во реакцијата.
Нејасно е, се додава натаму, како може Заев да се фали дека блескаме во ситуација кога Република Македонија има најнизок раст на БДП во регионот и Европа од мизерни 2,05% и кога реализацијата на капиталните инвестиции руши историски негативни рекорди.
– Минатата година беше најлошата, а како што тргнало 2018 ќе биде полоша и од неа, затоа што за првите 4 месеци реализирани се само 9,83% од капиталните инвестиции кои самите си ги планирале. Со својата економска работа оваа власт не од опозицијата, не од граѓаните туку од германските инвеститори и стопанственици во земјава доби оценка нула што е доволен показател за нивната неработа и неспособност. Во ситуација кога земјава има највисок буџет и за две годни потроши 9 милијарди евра, даноците и давачките на граѓаните се повеќе растат. Власта со секојдневните и неконтролирани задолжувања јавниот долг го зголеми на повеќе од 5 милијарди евра што за прв пат во историјата ја надмина психолошката граница од 50%, а никој не знае каде завршуваат овие пари, граѓаните од овие задолжувања апсолутно досега не видоа никаков бенефит. Стандардот на граѓаните од ден на ден се повеќе се влошува, растат цените на горивата поради зголемените акцизи од страна на власта, растат трошоците за живот, растат цените на производите, и како резултат на тоа повеќе од 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, додека единствено се богатат блиските на функционерите од власта. Ветувањата за младите останаа само празни ветувања, СДСМ наместо да креира можности за нив, таа продолжува да ги брка од земјава. Младинската невработеност достигна бројка од 47,6% и токму затоа повеќе од 70% млади веќе не гледаат перспектива во земјава и сакаат да ја напуштат Македонија, се вели во соопштението.
Натаму ВМРО-ДПМНЕ додава: Со оваа власт здравството е уништено, земјоделието тоне, образованието девастирано, безбедноста нарушена, СДСМ го зацрни буквално секој сегмент од животот на македонските граѓани.
– Зоран Заев и владата денеска ја потценуваат македонската јавност, тие се обидуваат неуспесите да ги престават како успеси, поразите како победи, а нивните лаги да ги прикажат како вистина. Затоа општиот впечаток на граѓаните е дека овие две години власт на Заев и криминалниот картел околу него, се неповратно изгубени години во кои Македонија уназадува наместо да напредува. Фактите и бројките ги покажуваат неспособноста, криминалот и расипништво на оваа власт која наместо за граѓаните работи за лично богатење. СДСМ и Заев ја уништија државата и го погазија достоинството на македонските граѓани. Македонија и граѓаните повеќе не смеат да уназадуваат. Токму затоа потребно е СДСМ да си замине, за конечно да се врати правдата и Македонија и граѓаните да напредуваат, се вели во реакцијата.
Принциот „евро за Вицето“ не носи европски вредности
Опозициската партија со соопштение реагира на соопштението на СДСМ кое што се однесуваше на интервјуто на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ:
– Заев и овој криминален картел на власт сигурно не се тие кои може да зборуваат за европски вредности, бидејќи единствен принцип по кој работат е принципот „евро за Вицето“. Тие не се грижат за граѓаните, за нивните потреби, за реформи во Македонија, туку се грижат единствено за личното богатење, доделувањето на сомнителни тендери, грантови и јавни набавки на фирмите на нивните функционери. Камен на камен немаат ставено во државата. Да беа способни и имаа желба нешто да направат за граѓаните, тогаш нивото на реализација на капиталните инвестиции немаше да биде рекордно лошо од само 9,83% реализација за првите 4 месеци. Но затоа кога се работи за криминал, корупција и злоупотреби на службената должност оваа власт има реализација од 102,5%. Зоран Заев не може да се аболицира толку, колку што тој може да направи сомнителни криминогени бизниси. За тоа ќе мора да одговара и за тоа нема да има компромиси, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.