Зголемувањето на акцизата на горивата не е решение туку дополнителен проблем за граѓаните и уште една владина „кризна мерка“ која ќе удри по нивниот џеб. Цената за неспособноста на Владата на СДСМ да се справи со епидемијата и економската криза како резултат на истата ја плаќаат граѓаните, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ за зголемувањето на акцизата на нафтените деривати.
-Не постои никаква економска логика и оправданост во овие тешки моменти да се земаат милиони евра од стопанството и граѓаните со наводна премиса да им се помогне на истите. Токму оваа мерка директно ќе влијае на најзагрозените и најпогодените од оваа криза. Ваквото зголемување на акцизата дополнително може да повлече и останати зголемувања на цените, односно ценовни шокови кои во овие тешки моменти ќе значат колапс на македонската економија. Зголемувањето на акцизата најчесто се користи како еколошка мерка за да се дестимулира користењето на нафтени производи, но во овие моменти на македонското стопанство му е потребен стимул за дополнително раздвижување, а не намалување на економската активност, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачува дека ваква мерка не се презема никаде во светот.
-Не може и не смее граѓаните да ја плаќаат цената што изминатите три години во мирнодобски услови кога цел свет бележеше раст на економијата. Да потсетиме дека за време на оваа економска ренесанса македонската Влада се занимаваше со рекет и криминал, а сега се очекува на товар на граѓаните да падне пополнувањето на буџетските дупки, истакнуваат од партијата.