Власта на Заев си игра со здравјето и животите на граѓаните. Спротивно на насоките на Комисијата за заразни болести која препорача породилното отсуство да се продолжи до крајот на годината, Владата донесе одлука мајките да се вратат на работа порано.
Ова се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ:
– Со ова директно мајките се оставаат во ситуација да нема кој да се грижи за нивните деца, ако се има предвид дека согласно најавите на експертите тие не ги запишале децата во детските градинки. Дополнително согласно препораките на експертите државата не може да одговори во целост на потребните капацитети за згрижување на деца во предучилишна возраст, а од друга страна бара нивните родители да се вратат на работа. Детските градинки и во ваква состојба се соочуваат со големи проблеми и здравствени предизвици, а после ваквата одлука на Владата ситуацијата може уште повеќе да ескалира, се вели во соопштението.
Очигледно, се додава натаму, власта на Заев не само што не може да се справи со здравствениот аспект на кризата, туку не може да одговори и на предизвиците кои таа ги носи.
– Цели 6 месеци ги преспаа или беа фокусирани само на изборен поткуп и криминал, па сега со брзоплети одлуки спротивни на експертските мислења сакаат да прикажат најнова нормалност. ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да ги повлече овие непромислени одлуки и заедно со засегнатите, здравствените експерти и социолозите да донесе издржан план како ќе се одвива воспитно образовниот и згрижувачкиот процес на деца во предучилишна возраст, кога веќе тоа не го направи порано, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.