Владата на СДСМ со воведување на прогресивниот данок е на пат да ја уништи македонската економија, соопшти денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– СДСМ го укинува концептот на едноставен рамен данок кој во изминативе 11 години даваше резултати, генерираше раст и отвораше нови работни места, кој се применува во 20-тина земји од Европа. СДСМ со воведување на прогресивниот данок оди спротивно на укажувањата на бизнис заедницата. Бизнисот е директно погоден од ова мерка и истото ќе влијае на намалување на платите и намалување на бројот на ново отворени работни места, се вели во соопштението.
Власта, се додава натаму, со зголемување на даноците директно ја стимулира сивата економија и даночната евазија.
– Некои компании веќе најавуваат повлекување од инвестициски вложувања во Република Македонија. Ќе се засили одливот на мозоци, затоа што ова ќе ги погоди професионалците, оние кои што со својот труд и со својот ум придонесуваат што пазарот ги вреднува нивните квалификации, личности кои ние по секоја цена треба да ги задржиме во Република Македонија, да не отидат во некоја друга земја која што има подобри даночни услови. Дополнително козметичките промени кои власта ги најавува во пензискиот систем исто така негативно ќе влијаат на отворањето на нови работни места и ќе ја дестимулираат економијата. СДСМ со своето однесување застана спротивно од волјата на граѓаните. Оваа власт со своите активности оди на директна штета на еконимијата, предупредува најголемата опозициска партија.