Седум години власт на ДУИ и СДС, а немаат направено ниту еден метар автопат. Единствено изиграа чочек во тунелите на автопатот Демир Капија-Смоквица кој беше реализиран од страна на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Автопатот од Кичево кон Охрид стана сага без крај. 7 години власта на ДУИ и СДС не мрднаа ни со прст. Само ја зголемуваа цената, правеа нови анекси, ги продолжуваа роковите и најчесто бараа изговори. Дури и ветувањето на „стани Благој да те види сала Бочварски“ дека автопатот ќе биде готов во јануари 2024 година пропадна, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Очигледно дека не се кадарни да ги реализираат ниту инфраструктурните проекти кои им беа оставени во наследство од претходната власт, со финансиска конструкција, па дури и со наредна фаза на реализација. 5 години ги градат дури и „епските“ 2 километри кон Блаце кои помпезно ги најавуваа. Потрошија и 250 милиони евра за изградбата на коридорите, а освен фотографирања, табли, скапи свеченост, ништо сеуште нема. Нема ниту почеток на градба, ниту лопата асфалт, ниту тампонирање. Но не е катастрофално само на полето на патната инфраструктура. Во воздушниот сообраќај читаме ред за партиски вработувања, ред за тепања во контролна кула, ред за кошкања, ред за местени огласи. Железничкиот сообраќај пак и скоро да исчезна. Додека Ковачевски и Бочварски фантазираат за брзи пруги, во Македонија и тие малку меѓународни линии се укинати. Поради нарушена статика на столб од мост со месеци возот до Гевгелија се сообраќаше со комбиниран превоз, малку воз, па малку пеш, па малку комбе, па пак воз. Возот од Скопје кон Битола патуваше цел ден, потоа го редуцираа, за да дојде до тоа дереџе поради немање локомотива да го укинат. Последните 4-5 години возот не сообраќа од Скопје кон Кичево и кон Кочани, а железничките пруги пропаѓаат“, истакнуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е само дел од катастрофата со која се соочува Македонија на инфраструктурен план поради ДУИ и СДС. Никогаш не било полошо. Затоа е важно да ги поразиме! Порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.