Лазе Евридики, наградениот началник на организиран криминал кој со службен шофер си ја развозуваше ќерката по грчките кампови, не бил единствениот што ги злоупотребувал полициските возила, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ за злоупотребите на службените возила во Македонија.
– Криминалите, злоупотребите и неспособноста на СДСМ по институциите секојдневно се откриваат. Кај СДСМ владее страв дека преку делувањето на техничките министри и заменици министри ќе излезат на виделина сите манипулации кои овие три години беа реализирани по наредба на Зоран Заев. Затоа СДСМ на секаков начин се обидува да ги опструира техничките министри и замениците предложени од ВМРО-ДПМНЕ кои треба да ја гарантираат професионалноста на институциите. Вчера целата јавност виде дека разни соработници на Спасовски и Заев си ги користеле службените возила на МВР за приватни потреби. Апсурдот да биде поголем, расипништвото и алчноста за нешто што не е нивно јавно го демонстрираат и одбиваат да ги вратат, се вели во реакцијата.
На виделина излезе, се додава во сооопштението, и дека Владата предводена од СДСМ за само два месеци вработила 4.131 партиски војник.
– Со оваа изборна корупција Зоран Заев сака да го намали поразот, надевајќи се дека ќе избегне одговорност за сторените криминали. На виделина излезе дека и БДП по жител во Македонија е за шест пати помал од просекот на Европската Унија. Зоран Заев ветуваше просечен економски раст од 5%, но досегашниот раст во минативе три години достигна просек од ниски 2,3% и со тоа темпо ќе ни требаат најмалку 50 години за да го достигнеме просекот на ЕУ. На виделина излезе дека има 11.514 нерешени барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Ова говори дека Владата и МТСП претходно проблемите на граѓаните ги ставале под тепих. Семејствата чекаат помош, а не ја добиваат. На виделина излезе дека од земјоделци се барале партиски книшки за да им бидат исплатени субвенции. Криминал до криминал. Злоупотреба до злоупотреба. Опструкциите и ниските удари на оваа Влада нема да ја продолжат политичката кариера на Зоран Заев. Крајот е близу, граѓаните на 12-ти април ќе изберат обнова на Македонија, реагира ВМРО-ДПМНЕ.