Одговорност за општиот грабеж кој го спроведува СДСМ мора да има. Сите владини и државни функционери кои се најдоа во скандалите во изминатиот период тешки неверојатни 45 милиони евра мора да понесат одговорност и да поднесат неотповиклива оставка од сите државни функции. Оставки мора да има за да се спречи притисокот од страна државните функционери поставени од СДСМ, врз органите на прогонот кои мора да ја завршат својата работа и да ги изведат овие луѓе пред лицето на правдата, а не да бидеме сведоци на преквалификување на обвиненија или апсурдни отфрлања на случаи заради наводен недостиг на докази.

Ова се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со големата афера за грабеж на народни пари преку тендери, фондови и други форми, што се случува деновиве.

– Обвинителството и судот мора да стават крај на праксата за заштита на криминалот и перење. Правосудниот систем во Македонија мора да се ослободи од стегите на власта и да заборави на партиски нарачаните обвиненија и пресуди од Зоран Заев и СДСМ. Амнестијата на криминалот на СДСМ не е должноста која треба да ја обавува правосудниот систем во Македонија. Обвинителството и судот мора да работат во интерес на граѓаните и на државата, се вели во соопштението.

Натаму се додава „додека здравството е пред целосен колапс, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните со своите живот, Венко Филипче се обиде да спроведе холивудски грабеж и на фирма која е формирана само пред 4 месеци да и додели тендер тежок 35 милиони евра“.

– Додека Македонија тоне на ранг листите за иновативност, Фондот за иновации и технолошки развој стана фонд за исплата на долговите на Заев и СДСМ кон своите сопартијци, фунцкионери од власта и провладини медиуми. Јован Деспотовски се обиде да ги награди „најзаслужните“ партиски послушници со 10 милиони евра пари на граѓаните. Токму поради ова сите инволвирани во овие скандали мора да поднесат оставка веднаш.  Подмолно и како што тој вели „закукулено замумулено“, Заев се обиде да го прикрие општиот грабеж со националното предавство наречено договор со Грција. Заев криминалот се обиде да го сокрие со продажба на националните и државните интереси преку капитулантски договор, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија натаму додава дека „Заев се откажа од името, јазикот, историјата, идентитетот и македонското малцинство во соседството само за да си го отвори патот на себе и своите сопартијци за богатење на грбот на граѓаните“.

– Заев и СДСМ се откажаа од македонизмот само за да можат тој и неговата багра да ги бројат милионите на своите сметки спечалени на товар на државата. Правдата во Македонија ќе се врати, а моментот кога тоа ќе се случи ќе одговараат оние кои сториле криминал, но и оние кои го амнестирале, оние кои краделе, но и оние кои застанале на патот на правдата. Кога во Македонија ќе се врати правдата, правната државата и корупцијата ќе стане минато. Само тогаш Македонија ќе се врати на патеката на своите евроатлантски аспирации. Кога СДСМ ќе замине, ќе се спроведе правдата и Македонија ќе победи, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.