Заев денес се обиде уште еднаш да ја изманипулира македонската јавност и граѓаните со празни и нереални ветувања без никаква одговорност, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тој денес вети минимална плата од 18.000 денари, просечна плата од 36.000 денари, 100.000 нови работни места, стапка на невработеност од 8%, но во ниту еден момент не кажа како овие ветувања планира да ги оствари. СДСМ не нуди концепција за одржлив модел на економски раст, туку голи популистички флоскули. Овој човек нема кредибилитет да зборува за ветувања поради тоа што ништо од тоа што го вети во минатото не го оствари. Ветуваше дека ќе облече „железни опинци“ и ќе ја зголеми просечната плата на 30.000 денари, за да денес гледаме дека таа е далеку од тоа ветување. Просечната месечна нето-плата за 2019 година изнесува 25.215 денари или за цели 4.785 денари помалку по работник. Со оваа ветување тој излажа 800.000 работници во државата дека ќе земаат поголема просечна плата за 57.420 денари годишно. Ветуваше стапки на раст од 5%, за да денес реалноста е стапка на економски раст помал од 2,5%, што е повеќе од 600 милиони евра помала додадена вредност во економија во изминатите две и пол години. Пари кои можеа вистински да го подобрат животниот стандард на македоснките граѓани. Ветуваше капитални проекти за да денес сме сведоци дека има најниска стапка на реализација на капитални инвестиции и целосно нарушување на буџетската структура за непродуктивни трошења што се посочува и во последниот извештај на ММФ, се вели во реакцијата.
Ветуваше, се додава натаму, стабилизирање на јавниот долг за да денес сме сведоци на расипничко трошење на државни пари што предизивика пораст на нето-јавниот долг во овие две и пол години за повеќе од 900 милиони евра.
– Ветуваше поддршка за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор за да денес сме сведоци на пад на продуктивноста во економијата и продлабочување на трговскиот дефицит на земјата во 2019 година за дополнителни 240 милиони евра. Ветуваше правна сигурност и деловна предвидливост за да денес видиме како се рекетираат бизнисмени, се нарачуваат судски пресуди, се носат закон преку ноќ без никаква консултација со бизнисот. Оваа влада ја направи Македонија најкорупирана земја во Европа што се потврдува со пад на листата на индексот за перцепција за корупција што го мери светската организација Transparency International и пад за 7 места на листата на „Дуинг Бизнис“ за водење на бизнис што се мери од страна на Светска Банка. Ветуваше борба со сиромаштијата за да видиме дека таа континуирано раст во изминатите две и пол години, што се потврдува со фактот што повеќе од 500.000 лица во земјата живеат во беда и сиромаштија. Денес изнесените ветувања на Заев, истресени од ракав, ќе останат само пусти зборови на човекот кој е веќе историја во македонската политика. На 12-ти април завршуваат катастрофалните денови за економијата.Уназадувањето повеќе не смее да продолжи. 12-ти април е крај за економскиот колапс. Време е за обнова, се вели во соопштението.