Неспособноста и неодговорноста на власта на Заев и Филипче не е само македонски проблем, туку и меѓународна здравствена опасност, се вели во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ во врска со „корона-летовите“ од Скопје за Финска.
– Последниот скандал со патниците кои од Македонија пристигнале на аеродромот во Финска и од кои 24 биле заразени со корона вирус, ја дискредитира Македонија како држава. Ова покажува дека не само што сме европски Вухан, туку поради неодговорноста на властите ги доведуваме во опасност и другите држави во Европа. Очигледно дека властите немаат никаква контрола врз епидемијата. Никој не знае ни кој влегува, ни кој транзитира, ни кој излегува од земјата и дали тој е носител на опасниот вирус. Македонија за жал во епидемијата е црн рекордер во регионот по смртност и заразеност на еден милион жители. Нема никаква одговорност ниту за последниот скандал со заразените патници кои пристигнаа во Финска исто како што нема никаква одговорност ниту за кластерот во Геријатрија Скопје, кластер меѓу најранливата категорија на граѓани, се вели во реакцијата.
Заев и СДСМ, се додава во соопштението, не ги интересира здравјето на граѓаните и угледот на државата.
– Нив ги интересира само фотелјата и бизнисите да си врват. СДСМ, Заев, Филипче не направи ништо за здравјето на граѓаните во текот на шесте месеци откога е започната епидемијата со корона вирусот. Победата прогласена од владата на СДСМ врз корона вирусот е лажна и постои само во главите на Заев и Филипче, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.