Зоран Заев и СДСМ тргнаа во кампања за референдум за капитулантскиот договор, а се срамат да спомнат збор за заштита на Уставот, историјата, традицијата. Нема подобар доказ од тоа дека Заев се согласи да ги прифати грчките црвени линии со кои се брише името Република Македонија и се брише македонскиот идентитет. Заев молчи околу тоа како ќе се вика државата доколку му помине референдумот, дали ќе има македонско малцинство во Грција и македонски топоними.

Ова се истакнува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на засилената кампања на СДСМ.

– Заев и СДСМ бесрамно ги злоупотребуваат македонските евроинтеграции за да го оправдаат капитулантскиот договор кој го потпишаа со Грција, со кој се откажуваат од се што е македонско. Картелот на власт се обидува да ги изманипулира граѓаните дека нивното криминално и расипничко работење е работа по европски стандарди. За да ја оправдаат слабата поддршка која ја добиваат во обидот да го сменат името, Уставот, идентитетот, нацијата, културата и историјата, СДСМ почна и да ги потценува граѓаните и да ги дели на проевропски и антиевропски. Штетниот и срамен договор со Грција, СДСМ го претставува како европска вредност. За СДСМ откажувањето од државните и националните интереси на Република Македонија е европска вредност и кој е против ова откажување го оцрнуваат како непријател на западната ориентација на државата, се вели во соопштението.

Најголемата опозициска партија додава дека СДСМ има изместени критериуми што е европска вредност.

– Држава во која вицепремиерот ненаситно секојдневно си доделува државни тендери во неговите фирми за СДСМ е европски стандард. Злоупотреба на државните ресурси од страна на власта за политички цели и настани кои граѓаните не даваат поддршка за СДСМ е европски стандард. Почеток на учебна година во која илјадници ученици во државата ќе ја почнат без учебници за СДСМ е европска вредност. Доделување на крвави тендери и грантови на роднини на функционерите на Владата и партијата на власт, за СДСМ е европска вредност. Држава во која премиерот е два пати аболициран и целата јавност го виде како бара мито, за СДСМ е држава по европски стандард. Несогласувањето со ваквото криминално и расипничко работење СДСМ го поистоветува како противење на влезот во ЕУ и НАТО, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека македонските граѓаните не се против НАТО, тие ја поддржуваат евроинтеграцијата на Македонија, но не ги поддржуваат криминалите на СДСМ и Заев и распродажбата на државните и национални интереси.

– Македонија навистина ќе тргне кон ЕУ и НАТО кога картелот предводен од  Заев и СДСМ ќе си замине од власт и само така ќе може да се достигнат европските вредности кон кои се стремиме децении наназад. Токму затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат денес на протестниот марш во Кичево со почеток во 13 часот. Заеднички и сложно да порачаме доста е со криминалите на СДСМ, доста е со поделби и доста е со распродажбата на државните и национални интереси, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението од СДСМ, пак, се истакнува дека во првото полугодие од годинава бил забележан рекорден влез на странски директни инвестиции во Македонија од 327 милиони евра.

– Тоа е за трипати повеќе во однос на истиот период од минатата година.  Забележан е раст  на извозот од технолошко индустриските развојни зони за 17 отсто во споредба со ланскиот период од првото полугодие. Зголемен е бројот на работници во индустријата за 7,2 отсто.  Сето ова покажува дека трендот на инвестирање во индустријата во Македонија е со забрзано темпо, економијата е поставена на стабилни основи и Планот за економски раст дава резултати. Придобивките од започнатиот процес на интегрирање на земјава во НАТО И ЕУ веќе се чувствуваат, соопштуваат од СДСМ.

Натаму во соопштението се додава:

– Овие придобивки дополнително ќе се интензивираат со влезот на Македонија во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ, процеси што ја зголемуваат довербата во македонската економија и носат повеќе странски инвестиции и нови работни места, велат од СДСМ.

А никаде не се споменува дека многу од овие странски инвестиции се договорени од минатата влада и дека зголемениот извоз од технолошките зони се должи токму на резултати од претходната власт, која ги градеше многу од тие капацитети кои сега извезуваат „резултати за СДСМ“.