Педесет и седумгодишниот Ѓорѓи Џонов е пожарникарот кој вчера почина при гасење на запален оџак во станбена зграда во штипската населба Автокоманда. Пожарот избувнал после 17 часот и за брзо време пламенот зафатил дограден таван. Гасејќи го пожарот од засега непознати причини на пожарникарот му се слошило. Залудни биле обидите на жителите во зградата и лекарите во борбата за живот. Се уште во шок од вчерашната трагедија сопственикот на доградениот таван тврди дека пожарникарите на терен излегле со расипани апарати и без гас маски.

-Пожарникарите дојдоа без гас маски,без шлемови. Апаратите им беа неисправни. Притиска,стиска неисправни.Ги прашам полни ли се, а тие викат полни се, ама не се исправни. Видов со свои очи. Донесоа други, а потоа и гас маска, ама за жал не ја употребија. -вели Симо Карпичаров

Дали неисправноста на ППЕ апаратите како што тврдат очевидци се причина за смртта на 57 годишниот пожарникар ќе покаже истрагата изјави раководителот на штипските пожарникари.Тој не ги отфрли тврдењата на пожарникарите дека работат со стара и дотраена опрема. Изразувајќи сочувство до фамилијата, од јавноста побара да не се шпекулира.

Ние истакнуваме често дека сакаме посовремена опрема. Вчерашната акција беше рутинска акција.Ја имаме неопходната опрема ја користиме. Можам само да кажам дека ова е немил случај-изјави Тони Атанасов.

Од основното јавно обвинителство во Штип велат дека дежурен обвинител направил увид, наодот од обдукцијата е готов, но се уште немаат официјален документ за причините за смртта. Педесет и седумгодишниот Ѓорѓи Џонов во 2013 год. беше прогасен за најдобар пожарникар на град Штип.