Најдобар демант на лагите на СДСМ е времето кое покажува дека секоја лага се распрсна пред налетот на вистината, се истакнува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
– Денес е факт дека СДСМ, Заев и неговата скапо платена пропагандна машинерија се најголемиот извор на лажни вести. Станавме држава во која Владата стана фабрика за лажни вести со кој секојдневно ја убива вистината. Но кога фактите се стопроцентни на страната на вистината, лагите паѓаат. Дури и нивната Државна Комисија за спречување на корупцијата донесе одлука со која потврдува дека нема никаков доказ дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски извршил било каква злоупотреба при стекнување на концесии за стопанисување на мали хидроцентрали. Повеќе од една година СДСМ отворено дрско лажеше и безочно манипулираше со јавноста. 8 државни институции секојдневно проверуваа документации, и сите до една констатираа дека нема ништо спорно. „Од обезбедените документи и даденото објаснување, видно е дека во периодот на носење на одлуката за избор на најповолна понуда по Јавен повик за прибирање на понуди за доделување на концесија за користење на вода за изградба на 80 мали хидроцентрали, Христијан Мицкоски немал никаков ангажман од страна на Владата на Р.М., ниту пак имал некаква функција во АД ЕЛЕМ” стои во образложението, објави опозициската партија.
Натаму во соопштението се додава:
– Наспроти тврдењата на СДСМ за постоење конфликт на интереси, Државната Комисија за спречување на корупцијата констатира дека Христијан Мицкоски бил именуван за советник на премиерот дури девет месеци по објавата на одлуката за избор на најповолна понуда за доделување на концесија, односно дури една година по назначувањето за член на Надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ. Дури и на една таква чиста ситуација претседателот Мицкоски донесе одлука за откажување од неговиот удел во компанијата, пример кој досега не го следи ниту еден владин функционер. Очигледно за Заев сака да биде и премиер, и бизнисмен и глава на криминалниот октопод кој управува со државата. Лажните вести Владата ги користи за дефокусирање на јавноста од вистинските скандали како на пример ослободувањето на Катица Јанева, која очигледно премногу знае за криминалите на Заев и власта, или пак да се сокријат стотици илјади евра од државни институции кои завршувале на приватните сметки на луѓето од власта. Најмалку што може да направи СДСМ и Заев е да се извинат поради изречените лаги и клевети. Ширењето лаги нема да го ублажи падот на оваа влада. Вистинскиот суд доаѓа од граѓаните на 12-ти април кога оваа влада ќе биде жестоко поразена. Во продолжение Ви ја испраќаме интегрално Одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата која се однесува на случајот со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.