– СДСМ навистина да се залагаше против загаденоста на воздухот, немаше да сме познати во светот по загадувањето. Да се грижеше за народот и за неговото здравје немаше да бега од одговорност, туку ќе преземеше мерки против загаденоста. Единствено СДСМ успеа да ги исклучи мерните станици каде што загаденоста ја надминува границата на рекордно ниво. Клиниките се преполни со граѓани со респираторни проблеми. Народот ќе го казни СДСМ, бидејќи докажа дека нема намера ниту пак капацитет да го реши овој проблем кој што го загрозува нивното здравје, се вели во соопштението.
Натаму се додава: Битолчани, Скопјани, Струмичани и Кумановчани синоќа се гушеа во канцероген воздух.
– Загаденоста во градовите достигна и до 328 микрограми на метар кубен, а Заев, Шилегов, Максим, Наташа и Коста не преземаат буквално ништо. Црн воздух, црн живот во Република Македонија. Секојдневно болниците ширум државата се полнат со десетици граѓани со срцеви и белодробни проблеми настанати како последица на аерозагадувањето. Зоран Заев пред повеќе од две години ветуваа чист воздух веднаш откако ќе ја преземат власта, сега две години подоцна, воздухот не е почист, напротив загадувањето се повеќе е проблем за граѓаните. Власта не презема суштински чекори во насока на решавање на загадувањето, од 7 милијарди евра колку што потрошија изминативе две години, ниту еден денар не одвоија за проекти и мерки кои ќе го намалат загадувањето, но затоа одвојуваат 1.6 милиони евра за лубриканти, над 700 илјади евра за цвеќиња и кафе, илјадници евра за морски плодови и се делат милиони во четири очи, се вели во реакцијата.
Наместо решенија за овој горлив проблем, се додава натаму, заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули шета низ Европа на чист воздух, а кога е во државата спие во Собрание.
– Црната власт не презема ништо за подобрување на квалитетот на воздухот. Граѓаните не заслужуваат никој да ги завива во црно нивните судбини. СДСМ мора веднаш да си замине. Токму затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протесните маршови низ Република Македонија, се вели во соопштението.