Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје изразува згрозеност од однесувањето на советниците на Левица, кои ја критикуваа можноста деца од социјално загрозени семејства бесплатно да заминат на летен камп.
-Наместо поддршка за мерка која директно им помага на децата и семејствата на кои помошта им е најпотребна, советниците на Левица одлучија неосновано да критикуваат. Политичките разлики не смеат да бидат поважни од интересот на децата. Особено кога станува збор за деца кои поради материјалната состојба на нивните семејства можеби никогаш немале можност да заминат на летен камп и да ги имаат истите искуства како своите врсници. За нас е несфатливо некој да бара политичка пресметка токму на грбот на најранливите, велат од советничката група.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да поддржува мерки кои обезбедуваат еднакви можности за сите деца во Скопје, без разлика на материјалната состојба на нивните семејства.




