Македонија веќе една година е во исчекување да дојде животот кој го ветуваше Зоран Заев, но наместо живот граѓаните добија чемер и јад, осиромашување, колабирано здравство, економија која тоне и правосудство кое наместо на граѓаните и служи на власта, се вели во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ за иднината што ја ветува власта и секојдневните прозивки за тоа дали на опозицијата и „пречи успехот на Македонија“ предводена од СДСМ.
– Расипништвото на власта достигнува нови размери со милионите кои се планирани да се потрошат за најскапата анкета во историјата на Македонија, консултативниот референдум за промена на уставното име на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има предлог кој ќе стави крај на расипништвото на владата на СДСМ. Планираните 1,3 милиони евра СДСМ наместо да ги фрли во вода за промовирање на капитулантскиот договор од Преспа да се пренаменат за изградба на училиштето Кирил Пејчиновиќ во Тетово. Учениците во Тетово заслужуваат школската година да ја започнат како своите врсници со достојни услови и мотивација за нови успеси во ново училиште, велат од опозициската партија.
На расипништвото на СДСМ, додаваат, мора да му се стави крај.
– Инверзијата на вредности која ја промовира СДСМ нема да донесе ништо позитивно за обичниот граѓанин, капитулантскиот договор со Грција не може да биде ништо поразлично од тоа што е, капитулација и распродажба на националните и државните интереси. ВМРО-ДПМНЕ понатаму предлага планираните 670 илјади евра за хортикултура да се искористат за изградба на социјални станови за групата на социјално загрозените граѓани кои своето секојдневие го поминуваат во недостојни услови. Македонија мора да се врати на вистинската патека. Патека на просперитет, добробит за сите граѓани, здрава економија и социјален систем, а за ова да се случи Заев и неговата клапа мора да си заминат во политичката историја на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа реакција следува откако и денеска СДСМ со соопштение побара опозицијата да се изјасни дали и пречат „успесите на власта“.
– После години на изолација, поделби, уназадувања и неизвесност, Македонија конечно се движи во добар правец, кон целосна интеграција во ЕУ и НАТО кои се врвни стратешки интереси. Дали на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им пречи успехот на Македонија па затоа не соопштуваат јасен став за референдумот и најважното прашање за македонската иднина? Дали молкот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ значи противење на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ? Граѓаните знаат дека Македонија и вредносно и цивилизациски припаѓа во ЕУ и НАТО и без разлика на неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ја препознаваат историската важност, велат од СДСМ.
Истите фрази се употребуваат секојдневно, па сооопштенијата личат како да се излезени од фотокопир. Дури СДСМ „го знаат и исходот од референдумот“:
– На 30 септември граѓаните ќе ја искористат историската шанса и ќе изберат иднина, ќе изберат влез во ЕУ и НАТО со зачуван македонски идентитет. Граѓаните ќе излезат за македонската иднина, сметаат од СДСМ.