Психолошката граница на задолженост на Македонија од над 50 отсто од БДП е веќе пробиена, а државата се движи кон т.н. „грчко сценарио“ и банкрот, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Додека криминалниот клан на власт предводен од Зоран Заев ги брои милионите на своите сметки, граѓаните секојдневно тонат во сиромаштија и се борат за својата егзистенција. Државата во рацете на кланот Заеви е третирана како лична сопственост, а буџетската сметка како лична банкарска сметка на криминалниот картел која служи за исплата на партиски и државни функционери, преку криминалните грантови и тендери. Над 460.000 граѓани секојдневно гладуваат, живеејќи на работ на сиромаштија. На граѓаните им се враќаат спомените од мрачните 90-ти и криминалната транзиција, фирми кои заминуваа во стечај и олигарси блиски до власта кои ги бројат своите милиони, се вели во соопштението.
Од ветените проекти за намалување на сиромаштијата, се додава натаму, единствено остварено ветување е мерката за укинување на радиодифузната такса од 130 денари.
– Психолошката граница на задолженост од над 50 проценти од БДП е веќе пробиена, а државата со сигурност се движи кон т.н. „грчко сценарио“ и банкрот. Владата на СДСМ треба да одговори кога граѓаните ќе ја добијат платата од 500 евра? Заев треба јавно да објасни кога докторите ќе ја добијат платата од 100.000 денари, на истиот начин на кој што ги делеше и своите ветувања. Нема ништо од ветувањето за младинската гаранција, нема ни трага ни глас од двојно поголемите стипендии за студентите, што им ги ветуваа пред да дојдат на власт, а наместо тоа студентите доживеаја во 21 век да немаат топла вода и греење, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Животот, се вели натаму во соопштението, дојде единствено за криминалниот картел предводен од Зоран Заев и никој друг.
– Животот дојде за Кочо, Вице и оние кои добија милиони од тајните грчки фондови за распродажба на националните и државите интереси. Маските се паднати, на граѓаните им е јасно дека СДСМ работи единствено за спас на политичката кариера на Зоран Заев. Крајно време е транзиционите политичари да заминат од политичката сцена, а граѓаните да го добијат она што го заслужуваат, просперитетна и демократска Македонија, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.