Во 1903 година е објавена во Софија книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков. Таа веднаш била запленета и поголем дел од тиражот бил уништен.
Зошто официјалната бугарска власт постапила толку жестоко? Каква опасност носела книгата за бугарските политички интереси?

Одговорот на овие прашања, според македонскиот лингвист Трајко Стаматоски, се добива и од само малку позадлабочено промислување на насловите на петте поглавја: Што направивме и што треба да направиме за однапред?; Се има ли потреба од македонски национални научно- литературни другарства?; Националниот сепаратизам: земјиштето на кое се има развиено и ќе се развива за однапред; Составувала, составува и може ли Македонија да составува од себе одделни етнографска и политичка единица?; Неколку зборови за македонскиот литературен јазик.

– Еден заклучок се наметнува веднаш по погледот на овие пет поглавја на книгата: тие претставуваат една неразделна целина, тие биле веќе обликувани како такви, без оглед на местото каде што првично биле изнесени. Се гледа дека се тие визија за скорешно оформување на македонската национална држава, во кое нешто безрезервно се верувало. За разбирање и прифаќање на таа мисла и цел тој понуди изобилен фонд на факти и аргументи, историски релевантни податоци, почнувајќи од елементите нужни за устројство на државата па сѐ до ликот на литературниот јазик. Книгата на Мисирков е убав показ како се одвивал процесот на зреење на македонската национална мисла, вели Стаматоски во своето дело „Македонски јазик: идентитет и континуитет- доискажување“.

Гоце Делчев сфаќа дека за татковината не се војува само со пушка, ами и со збор

За жал, книгата не дошла до поширок контакт со македонските мисловни сили.Македонскиот литературен кружок од Софија со неа се запознава дури некаде пред почетокот на Втората светска војна.
– Нам ни останува да претпоставиме какво оружје ќе претставуваше таа во рацете на напредните македонски сили. Немаше среќа ни идеологот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев да ја дочека нејзината појава. Но, тој очекуваше таква книга, знаеше многу добро што би претставувала таа за револуционерното движење, па во едно писмо, како што соопшти своевремено Тодор Павлов, Гоце Делчев ќе напише: Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“, пренесува Стаматоски.
Оваа изјава на Делчев, според Стаматоски, има и друга димензија. Таа, вели тој, го открива него како човек со пошироки гледишта за борбата на македонскиот народ.
– Тој сфаќа дека за татковината не се војува само со пушка, ами и со збор или уште попрецизно со секоја корисна работа нејзе посветена. Следствено, за татковината и се гине во одбрана на секој сегмент од нејзиното национално ткиво. Оваа изјава треба да се гледа и во тесна корелација со неговата често употребувана порака за разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Впрочем, затоа и му припадна местото на идеолог на македонското национално револуционерно движење, вели Стаматоски.

Блаже Конески прв на македонската јавност и ја претставил книгата на Мисирков

Мисирковата книга не и била достапна на пошироката јавност, но, била за научните и политичките кругови. Бугарскиот славист Александар Теодоров- Балан напишал опширна рецензија за неа насловена „Една македонска теорија- К.П. Мисирков, За македонцките работи“.
Според Стаматоски, самиот обем на текстот говори колку Теодоров- Балан се трудел да ја побие „македонската теорија“, а обемот бил поголем од Мисирковата книга.
Книгата на Мисирков прв во Македонија ја претставил Блаже Коневски.
– Луцидниот Блаже Конески за своето претставување на Мисирков избра провокативен наслов: Една македонска книга наспрема Балановата „Една македонска теорија“. Статијата на Конески даде преглед на структурата на книгата, на основните мисли на Мисирков со соодветни цитати за македонската посебност, вели Стаматовски.
Тој се осврнува на дебатата околу националното чувство на Мисирков кој во неговиот Дневник се појавува со поинаква националност. Но, таа изјава, според лингвистот, треба да се разбере имајќи ги предвид премрежјата низ кои поминувал, не само на политички туку и на егзистенцијален план. Инаку, Мисирков на Универзитетот во Петроград во 1897 година се потпишал како Македонски Словен.

Во статијата „Мир“ напиша: „Јас сум Македонец, со македонска свест, а како таков имам свое гледиште за минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство“.
– За македонската наука и историја воопшто Мисирков останува личност на дваесеттиот век, вели Стаматоски.

Годините 1903, 1953 и 1993, се многу значајни во историјата на македонскиот јазик, вели македонски лингвист Трајко Стаматоски. Во 1903 година, е објавена „За македонцките работи“ на Крсте П. Мисирков. Во 1953 е основан Институтот за македонски јазик, а во 1993 почина великанот на македонската национална мисла Блаже Конески, забележува тој во своето дело „Македонски јазик: идентитет и континуитет- доискажување“.