23 декември 2018

1777.- Роден е рускиот цар Александар Први Павлович Романов. Тој е познат по спроведувањето на серија пролиберални реформи од самиот почеток кога седнал на престолот во 1801 па речиси до неговата смрт во 1825 година. Во 1807 година склучил сојуз со францускиот цар Наполеон Први против кого претходно војувал во сојуз со Австрија, Прусија и Англија. Од Шведска ја презел Финска, која во 1809 година била приклучена на Русија како големо кнежество под руската круна. Кон Русија ја припоил Полска освен деловите кои им припаѓале на Прусија и Австрија. Сојузништвото било раскинато со Наполеоновиот поход на Русија во 1812 година, кога француската армија го претрпела пресудниот пораз, а Александар Први триумфално влегол во Париз. Во вториот период од владеењето ги напуштил пролибералните тенденции и станал вистински мистик.

1790.- Роден е францускиот ориенталист Жан Франсоа Шамполион, основач на египтологијата. Дешифрирал 1.822 египетски хиероглифи од плочата пронајдена во 1799 година во египетското место Решид и утврдил дека хиероглифите не се само симболичко туку и фонетско писмо.

1804.- Роден е францускиот писател Шарл Огистен Сент Бев, најистакнат претставник на француската книжевна критика. Почнал со романтичарски песни и со романот „Наслада“, а потоа целосно и се посветил на книжевната критика и историја. Попознати дела: „Книжевни портрети“, „Пор-Ројал“, „Разговори во понеделник“.

1810.- Роден е германскиот египтолог Карл Ричард Лепсијус, кој се смета за основач на модерната археологија. Неговите „Египетски хронологии“ претставуваат темел во научното изучување на раната египетска историја.

1861.- Османлиското царство било принудено да го прифати обединувањето на Влашка и Молдавија. Тогаш била формирана Романија.

1872.- Умрел францускиот писател Теофил Готје. Дела: „Госпоѓицата де Мопен“, „Капетан Фракус“, „Историја на романтизмот“.

1902.- Во Велес, во близина на училиштето „Св. Ѓорѓи“, во борба против турската патрола (откако претходно бил поткажан), за да не падне жив во рацете на непријателот се самоубил Миле Поп Јорданов, македонски револуционер и учител. Македонскиот народ го овековечи со песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов…“. Роден бил во Велес, во 1878 година.

1906.- На врвот Петлец, кај селото Русиново, Беровско, во борба против османлиската војска загинал Дамјан(Даме) Груев, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал. По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден бил на 19 јануари 1871 година.

1918.- Роден е германскиот државник Хелмут Шмит, еден од лидерите на Социјалдемократската партија, кој по повлекувањето на Вили Брант, од 1974 до 1982 година бил канцелар на Западна Германија. Претходно во владата на Брант од 1969 до 1972 година бил министер за одбрана, а од 1974 министер за стопанство и за финансии.

1920.- Франција и Велика Британија ја одобриле конвенцијата со која биле одредени границите на Сирија и Палестина.

1924.- Во Милано, од страна на врховистите, бил убиен Петар Чаулев, македонски револуционер, еден од потписниците на Мајскиот манифест на ЦК на ВМРО потпишан на 6 мај 1924 година, во кој е прокламирана борбата за ослободување и обединување на сите делови на Македонија во независна политичка единица во рамките на една балканска федерација. Својата револуционерна дејност ја започнал уште пред Илинденското востание и бил учесник во истото, како војвода во Крушевско и во Охридско. Роден бил во Охрид, во 1881 година.

1925.- Роден е францускиот политичар Пјер Ежен Береговој, шеф на француската влада од април 1992 до март 1993 година кога поднесол оставка по изборниот пораз на социјалистите на парламентарните избори. Неколку седмици подоцна се убил, поради силниот медиумски притисок за земениот поволен станбен кредит.

1933.- Роден е јапонскиот цар Акихито, кој на престолот стапил во 1990, по смртта на својот татко, царот Хирохито.

1944.- Во Скопје излегол првиот број на весникот „Бирлик“ на турски јазик, како орган на НОФ на Македонија.

1947.- Во Њу Џерси, САД, еден тим научници во лабораториите „Бел“ го демонстрирал првиот полупроводник-засилувач, односно првиот транзистор.

1948.- Во Токио била извршена смртна казна врз седуммина јапонски официјални личности, вклучувајќи го и поранешниот претседател на владата Хедеки Тоџа кого Меѓународниот воен суд го осудил на смрт заради „злосторства против човештвото“ во Втората светска војна.

1953.- Стрелан бил бившиот шеф на злогласната советска политичка полиција НКВД и потпретседател на советската влада Лаврентиј Павлович Берија, кој бил уапсен во средината на 1953 година. Запаметен бил по патолошките склоности, вклучувајќи и грабнување девојки и млади жени.

1963.- На грчкиот патнички брод „Лаконија“, зафатен со пожар по експлозија во северниот Атлантик, загинале 128 лица, а 908 биле спасени пред да потоне бродот на 29 декември.

1964.- На Цејлон (сегашна Шри Ланка) во циклон загинале најмалку 2.000 луѓе.

1972.- Умрел рускиот конструктор на авиони Андреј Николајевич Тупољев, кој раководел со изработката на повеќе од 100 типа авиони, вклучувајќи ги и бомбардерите и џиновскиот  АNТ-20 „Максим Горки“. По Втората светска војна конструирал патнички авиони, меѓу кои и „TU-144“, првиот суперсоничен авион во светот.

1972.- Во земјотрес кој го погодил главниот град на Никарагва, Манагва загинале 7.000 луѓе.

1983.- Во Париз умрела Фања Фенелон Голдштајн, Французинка која го преживеала логорот Аушвиц, свирејќи во оркестарот на нацистичките офицери. Во 1980 година, според стравотните искуства на Фања Фенелон, била снимена телевизиската серија во која главната улога ја толкувала британската актерка Ванеса Редгрејв. Родена била во 1908 година.

1990.- Повеќето од Словенците на референдум се изјасниле за отцепување од СФР Југославија.

1993.- Официјално била отворена Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија. За амбасадор бил наименуван Тони Милсон.

1994.- Република Македонија и Република Австрија воспоставиле дипломатски односи.

1994.- Во Скопје била формирана Асоцијацијата на туристичките агенции на Македонија.

1995.- Во индискиот град Дабали, северно од Њу Делхи, во пожар во банкетната сала за време на школска свеченост загинале најмалку 538 луѓе, повеќето деца од четири и пол до 14 години.

1997.- Умрел јапонскиот актер Тошрио Мифуне, кој со светска слава се стекнал со толкувањето на ликот на самурај, посебно во филмовите на режисерот Акира Куросава. Филмови: „Седумте самураи“, „Легендата за Мусашија“, „Крвавиот престол“, „Скриената тврдина“, „Јоџимбо“, „Адмирал Јамамото“, „Пекол на Пацификот“, „Црвеното сонце“, „Битката за Мидвер“, „Шогун“.

1998.- Врхвониот суд на Белгија пресудил дека бившиот генерален секретар на НАТО Вили Клас бил виновен за „пасивна корупција“ во скандалот „Аугуста-Дасо“, односно за подмитување при договарања на воените испораки.

2004.- Умрел поранешниот индиски премиер Нарасима Рао, автор на индиските економски реформи 1991-1996 година.

2005.- По 138 години во Словачка била укината воената обврска.

2007.- Во Торонто, Канада, умрел Оскар Питерсон, канадски џез-пијанист и композитор, еден од најдобрите музичари во светот на џезот. Роден бил во 1925 година.

2013.- На 95-годишна возраст починал Михаил Калашников, изумителот на легендарнaтa автоматска пушка „АК-47 Калашников“. Легендарниот конструктор на оружје бил роден на 10 ноември 1919 година во Алтај. Во 1947 година тој го конструирал автоматското стрелачко оружје, што во перформансите остана ненадминато веќе над половина век. – Јас ќе бидам првиот кој ќе му стисне раката на оној кој ќе направи подобар автомат, рече тој пред повеќе од 30 години. Автоматот „Калашников“ е во употреба во над 100 држави во светот.

2013.- Умрел музичарoт Ацо Богдановски (1960), познат како Ацо Конга. Првата група во која членувал Конга е „Макакус“ (1979) кога почнал да удира на конги. Бил дел од бендот „Нокаут“ формиран во 1997 година, на два албумa „Нокаут“ (1997) и „До последен здив“ (2001) каде се големите хитови „АБЦ“, „Фатална опсесија“, „Временска машина“, „Би се викал те сакам“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“…