Во Градската општа болница „8 Септември” тројца анестезиолози, тројца интернисти, 25 медицински сестри, ангажирани на одделенијата каде се лекуваат позитивни и сомнителни случаи и пет болничари се заразени со коронавирус, информираа за МИА од Министерството за здравство.
На Клиниката за инфективни болести фебрилни состојби, како што посочија, заразени се двајца здравствени работници, а други двајца кои се оздравени, се вратиле на работа.
Од Министерството потенцираа дека овие две јавни здравствени установи изминатите денови се засилени со кадар. На Инфективната клиника по систем на ротација дојдени се пет доктори, тројца од клиниките за кардиологија, ендокринологија и Институтот за туберкулоза, еден доктор од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид, како и 27 медицински сестри од Специјалната болница „Јасеново“, и од болниците во Кавадарци, Кочани и од Кичево.
Во ГОБ „8 Септември“ тимот се зајакна со шест доктори – двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца доктори од Кичево и по еден доктор од болницата во Отешево и болницата во Гостивар. Оваа јавна здравствена установа се зајакна и со 20 медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија, и Специјалната болница „Лешок“.