Во соседните земји не го признаваат, а во Нов Јужен Велс во Австралија, од идната година децата ќе може да го учат македонскиот јазик, пренесе Матица на иселеници.
Со оваа образовна програма ќе бидат опфатени децата од градинките до возраст од 12 години. Во новата јазична програма покрај македонскиот јазик ќе се учат и јазиците хинди и персискиот, објави телевизија Си-би-ес.
Ова е одраз и на повеќето јазици кои се говорат во Нов Јужен Велс, но и ширум Австралија. Од тие причини се размислува и за воведување учење втор јазик во образовниот систем во Нов Јужен Велс.
Австралиското Министерство за надворешни работи, претставници на македонската дијаспора и научници од повеќе австралиски универзитети изработиле досега најобемно истражување на македонската дијаспора во Австралија кој беше промовиран вчера во австралискиот Парламент.
– Стоилјадната македонска заедница ја збогатува Австралија уште од 1880-тите години, и претставува основа на нашите односи со Македонија, изјави на промоцијата на извештајот Ричард Марлес, парламентарен секретар за надворешни односи и односи со пацифичките острови.
Истражувањето било извршено на 1.083 испитаници од сите делови на Австралија. Во своите политички активности во Австралија, мнозинството испитаници кажале дека се мотивирани и од односот на австралиските власти кон Македонија.