Командантот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, денеска изјави дека жестоки борби се водат во северните делови на украинскиот град Бахмут, што со недели се наоѓа во фокусот на руските сили.
Пригожин, основачот и командант на групата „Вагнер“, кажа дека војниците се борат за секоја улица, секоја куќа, секое скалило против украинските сили, кои не се повлекуваат.
Руските сили со недели се обидуваат да го опколат и заземат Бахмут, град во источниот регион Донбас, и општиот впечаток е дека бавно напредуваат и за тоа плаќаат висока цена.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во последните денови постојано изјавуваше дека ситуацијата околу градот е тешка.
– Никој нема да се откаже од Бахмут. Ќе се бориме за тоа сè додека можеме. Ние го сметаме Бахмут наша тврдина, рече тој пред два дена.
Британското Министерство за одбрана минатата недела соопшти дека Русија постигнала мал напредок во обидот целосно да го опколи Бахмут.
Ако руските сили успеат да го освојат градот, што е девастиран од повеќемесечното гранатирање, тоа ќе биде нивниот најважен стратешки напредок од минатото лето, кога почетната офанзива во источна Украина беше запрена со серија неверојатни украински контраофанзиви во втората половина на 2022 година.
Пригожин додаде дека не се точни информациите на руските медиуми дека украинските сили го напуштаат Бахмут и дека е очигледно дека тие ќе се борат до крај.
– Во северните области има жестоки битки за секоја улица, секоја куќа, секој степеник, додаде тој.