Дали Џафери во Берлин ќе му каже на својот германски колега дека ги пцуе, навредува и им врши мобинг на вработените во Собранието на Македонија, прашува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во денешната реакција за скандалот на собранискиот спиекр Талат Џафери, за кој и натаму власта се обидува да го заташка како и многу други скандали досега.

– Нели му е непријатно на Талат Џафери и Димитар Ковачевски кога одат во земјите од ЕУ и нашите стратешки сојузници, каде моралните вредности се на највисоко ниво, и дали не се срамат дека тие дознале за нивниот примитивизам? Како се чувствува Џафери кога зборува за човекови права, демократија и етички кодекс, а тој самиот е причина за трауми на десетици вработени во Собранието?- прашуваат од опозициската партија.

Џафери, се додава во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, ја срами Македонија, и позицијата која ја држи.

– Талат Џафери по доаѓањето од Берлин треба да си поднесе оставка, а доколку тоа не го стори истото од него да го побара Димитар Ковачевски. Доколку и Ковачевски продолжи да релативизира, тој треба да знае дека народот го гледа и него како одобрувач на односот на Џафери, но и отворено ќе се сомнева јавноста дека односот на Џафери, е и однос на Ковачевски со неговите вработени. Примитивизмот на оваа власт е исто така една од причините зошто ни се потребни предвремени парламентарни избори час поскоро, се наведува во денешната реакција.

Како што објавивме, по скандалозната снимка на која се слуша како Џафери пцуе вработени со Собранието, премиерот Ковачевски изјави дека не е убеден оти на снимката е гласот на Џафери и ден потоа отиде со него да навиваат на фудбалски натпревар. Џафери, пак, од понеделникот замина на „наградно“ патување во Берлин, каде што со Цветанка Иванова предводат делегација во четиридневна посета на Бундестагот.

Џафери на седница на германскиот Бундестаг

Собраниска делегација предводена од претседателот на Парламентот Талат Џафери денеска присуствуваше на пленарна седница на германскиот Бундестаг.

Прва точка на дневниот ред на седницата на германскиот Бундестаг беше обраќање на Сојузниот канцелар Олаф Шолц во врска со вонредната седница на Советот на ЕУ на 30 и 31 мај.

Како што се посочува во соопштението од Собранието, во своето обраќање, Шолц ја нагласи потребата од финансиска помош на Украина, потсетувајќи на изгубените животи, домови и уништената инфраструктура во чие опоравување ќе треба да помогнат сите чинители. Во говорот, тој се осврна и на Западен Балкан и на заслугите и достигнувањата кои се основа за членство во Унијата за сите аспиранти, се наведува во соопштението.

 

Делегацијаод Македонија четири дена е на студиски престој во германскиот Бундестаг во Берлин. Во состав на делегацијата која ја предводи Џафери, се и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, координатори на пратеничките групи, како и вработени во службата на Собранието.