Грузиската Национална служба за безбедност соопшти дека е уапсен Грузиец кој се обидел да продаде Ураниум-238 на странска држава за 700.000 долари.

Уапсениот грузиски државјанин е обвинет за незаконско ракување со нуклеарен материјал и му се заканува затворска казна до 10 години.

Ураниум-238 е најзастапениот изотоп на ураниумот. Иако е радиоактивен, Ураниумот-238 генерално не може сам по себе да се употреби за производство на атомска бомба.

Во Грузија, по распадот на Советскиот Сојуз, регистрирани се неколку сериозни инциденти поврзани со нелегална трговија со нуклеарни материјали.

Во февруари беа приведени две лица кои се обиделе да купат ураниум во вредност од три милиони долари, како и резерви од радиоактивен изотоп, што се користи во програмите за тестирање на нуклеарно оружје.