На две наутички милји од жирјанската увала во Јадранското Море потона едрилица со црвена боја од засега непознат сопственик. Едрилицата ја забележале рибари вчера и случајот го пријавиле во полиција, која со Лучката капетанија спроведува активности за утврдување на сопственикот и околностите за потонувањето.
– Не се знае кој е сопственик на едрилицата која потона, никој не пријавил дека ја изгубил, ниту кражба на таква едрилица. Загадување на морето не е забележано, а поморската полиција со Лучката капетанија спроведува активности околу утврдувањето на сопственикот и околностите за потонувањето, изјавила за порталот „Шибеник.ин“ портпаролката на шибенско-книнската полициската управа, Марица Косор.
Како што известија од Жупанискиот центар 112, кој пријавата за потопената едрилица ја добил од рибарски брод, на површината бил само дел од едрилицата, чија должина е од 12 до 15 метри. На повиците никој не одговарал, па рибарите помислиле дека таа е напуштена.
По доаѓањето на полицијата на локацијата на потонувањето не можеле да утврдат други податоци, односно името и националните ознаки, бидејќи едрилицата во меѓувреме целосно потонала на место каде морето е длабоко околу 170 метри.