Унгарија, Полска, Чешка и Словачка се противат на планот на ЕУ да пресели 160 илјади мигранти, со потекло од Сирија и Еритреја, од преполните кампови во Италија и во Грција

Унгарската влада поднела предлог за новиот закон со кој се предвидува казна затвор и за тие што ќе им пружаат услуги на нелегални мигранти. Доколку овој закон биде усвоен без промени, печатењето брошури со информации за барање азил и делење храна на нелегални мигранти, ќе стане кривично дело во Унгарија.

Унгарија го менува и уставот со цел да ги спречи останатите земји на ЕУ да ги пренасочуваат мигрантите во Унгарија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и пркоси на мигрантската политика на ЕУ. Унгарија, Полска, Чешка и Словачка се противат на планот на ЕУ да пресели 160 илјади мигранти со потекло од Сирија и Еритреја од камповите во Италија и Грција, кои се преполни.

Дописникот на БиБиСи од Будимпешта, јавува дека унгарскиот Парламент почна расправа за новиот закон иако во овој период многу мал број мигранти се обидуваат да влезат во Унгарија, поради оградата која е поставена на јужната граница со Србија.

Орбановата десничарска партија Фидес има две третини во Парламентот, а гласањето за новиот закон се очекува да биде следната недела. Орбан пред еден месец го започна вториот мандат.

Законот е дел од пакетот „Стоп Сорос“ чија цел е да го елиминира милијардерот со унгарско потекло, Џорџ Сорос, кого унгарската влада го обвинува дека ги охрабрува мигрантите муслимани да дојдат во Европа.

Сорос, кој е роден во Унгарија, ги отфрли обвинувањата и тврди дека Орбан им пркоси на главните вредности на Европската унија.

Унгарските медиуми пишуваат дека со новиот закон затворските казни се движат од неколку дена до една година за лица што се занимаваат со криумчарење на мигранти, им помагаат да добијат азил или финансиски помагаат нелегално преминување на границата.

Унгарија во 2015 година беше транзитна зона за околу еден милион баратели на азил, меѓу кои најголем број беа бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан.