Гробницата на Александар Македонски е една од најголемите, ако не и најголемата археолошка мистерија на светот. Се повеќе историчари сметаат дека треба да се напушти слепото верување според кое Александрија е единственото место каде гробницата може да се бара, со што, свое место во приказната зазема и современата македонска држава

Дарко ЈАНЕВСКИ

„Тоа беше Птоломеј Филаделфиус (280 г. п.н.е.) кој од Мемфис го донесе телото на Александар во Александрија.“ (Пасаниас, 2 век н.е.)

„Птолемеј Филопатор изгради (215 г. п.н.е.) во средината на Александрија меморијална зграда, која што сега се нарекува Сема и ги положи таму неговите предци, заедно со неговата мајка, а исто така и Александар Македонски.“ (Зенобиус, 2 век н.е.)

„Октавијан го виде телото на Александар и дури го допре, но така невнимателно што, како што се раскажува, му скрши дел од носот. Не сакаше да ги види телата на Птоломеите…, повторувајќи дека дошол да види цар, а не трупови.“ (Дио Касиус, 2 век н.е.)

„Само што влезе во градот (215 г. н.е.), Каракала со целата негова војска отиде во храмот каде што принесе многу жртви и остави многу темјан. Потоа отиде до гробот на Александар, каде ја соблече и положи својата пурпурна наметка, прстени од скапоцени камења, неговите ленти и се друго скапоцено што носеше со себе.“ (Херодијан, 3 век н.е.)

Ова се само дел од историските записи кои се користат како доказ дека еден од најголемите војсководци на сите времиња, Александар Македонски, по смртта бил погребан во Египет, во неговиот град Александрија. Според цитираните записи и тие слични на нив, гробницата се споменува до 4 век од нашата ера. Потоа, Александар Македонски исчезнува, а неговата гробница прераснува во една од најголемите мистерии на современата археологија.

Зад ѕидот на џамија

Денес, не е енигма само одговорот на прашањето каде исчезнало телото на мртвиот македонски цар, туку и дали навистина бил погребан во Александрија. Кога внимателно ќе се прочитаат исторските записи за Александровото тело во Египет, ќе се види дека тие, сеедно што до вчера биле прифаќани како непобитен факт, всушност не можат да издржат ни елементарна критика. На пример, се вели дека Октавијан сакајќи да го допре Александар, му го скршил носот. Претходно ја извадил мумијата од саркофагот и го открил телото за да го круниса и покрие со цвеќиња. Но, дали Римјаните не знаеле дека со тоа го доведуваат во опасност балсамираното тело? Тешко е во тоа да се поверува. Сепак, дури и да е тоа така, кој е доказот дека телото кое, според овој пример, пред секој римски император било одмотувано од заштитата и изложувано на воздух, навистина му припаѓало на Александар кој живеел 200 години пред тоа? Всушност, не постоела можност било кој со сигурност да тврди дека римските императори кои по ред доаѓале во Александрија да се поклонат на Македонецот, можеле да го видат ликот на Александар. Во најдобар случај, тие најверојатно се поклонувале на ковчегот верувајќи дека во него е телото на војсководецот кој за нив бил некаков идол. Што навистина имало внатре, ниту некој знаел, ниту навистина можел да знае, освен неколкумината негови луѓе кои биле во врвот на македонската држава во 323 година пред н.е.

Императорот Август му се поклонува на Александар

Тоа не води до приказната за саркофагот на Александар во кој било положено неговото тело. Во светот е прифатена верзијата дека по смртта на Александар во Вавилон, неговиот генерал Птолемеј го однел саркофагот со телото во Александрија. Дури може да се чуе и размислувањето дека тој саркофаг и денес стои пред носот на светот заѕидан зад ѕидот на една џамија, поради што до него не може да се дојде.

Меѓутоа, дури и кога тоа би било така, изостанува објаснувањето каде исчезнало телото на Александар од четвртиот век од нашата ера, се до доаѓањето на муслиманите во земјата на фараоните, кога ковчегот останал зад ѕидот кој сега е дел од џамијата (едно теорија оди дури дотаму што тврди дека остатоци од мумијата на Александар денес се наоѓаат во Венеција).

Наспроти сета теорија за погребот на Александар во Александрија, стои одлуката на македонското Собрание одржано во Вавилон по неговата смрт на кое била решено генералот Пердика да биде избран за извршител на царската власт, односно регент на Македонија и чувар на царското семејство.

Собранието, истовремено, донело одлука телото на Александар да биде балсамирано од страна на халдејските и египетските свештеници, а погребот да се изврши во Македонија според традиционалните македонски обичаи.

На ова, се надоврзува теоријата за паралелна изработка на два ковчега: едниот во кој ќе биде положено телото и кој, на барање на мајката на Александар ќе биде упатен за Македонија и, другиот, лажен, кој ќе биде упатен за Александрија.

На влезот од гробницата?

Приказната има своја логика која тешко се докажува, но и тешко се побива: два месеци по смртта на Александар, се раѓа неговиот син Александар Четврти кој по полнолетството требало да седне на македонскиот престол. Крунисувањето се вршело во престолнината, а заклетвата требало да биде положена на саркофагот на умрениот војсководец. Тоа подразбира дека до израснувањето на синот на Александар, неговиот ковчег требало да биде сочуван од можното грабнување на претендетите за престолот. Историската приказна вели дека Птоломеј, македонскиот владетел на Египет, ја пресретнал поворката на половина пат и го одзел ковчегот носејќи го во Александрија. Другата страна на оваа приказна смета дека, всушност, на половина пат од Вавилон за Александрија, двата ковчега, лажниот и вистинскиот, се разделиле, така што вториот заминал на пат за Македонија.

Во неможност погребот да биде организиран во Пела, мајката на Александар, Олимпија можела да избира помеѓу три локации на кои би го сокрила телото на синот до полнолетството на Александар Четврти: првата, во Молосија, во близина на Јонското Море, втората, во Орестија во близина на градот Арг – местото од каде потекнува првата македонска кралска династија во осмиот век п.н.е. (денес Костурско, област која Грците ја прекопаа по должина и широчина барајќи го телото на кралот, откако и тие сфатија дека не е во Александрија), и, третата локација, таа која за нас е најинтересна, на пеонските гробишта крај Аксиос, денешен Вардар, кои се наоѓаат на територијата на Република Македонија.

Во Молосија навистина е пронајдена гробница која би можела да биде кралска, но таа била празна. Се претпоставува дека кога веќе телото на Александар било донесено во Македонија, Олимпија наредила да се направат лажни гробници, за дополнително да го заметне трагот. Грчката држава темелно истражи и во Костурско, но не најде ништо. Останува третата можност – гробот на Александар да е во Република Македонија, на фамозните пеонски гробишта.

Секој што ги посетил знае дека таму нема посебни знаци кои би упатувале на тоа дека тука некаде лежи така значајна личност, но ако ништо друго, на тие гробишта мора да е положено телото на генералот Аристон, Пеонец по потекло, еден од најверните генерали на Александар, за што исто така, нема посебни маркери.

Впрочем, тоа е и сосема нормално: која би била смислата на криењето на телото на Александар до полнолеството на синот (кој неколку години подоцна бил убиен, исто како и неговата мајка Роксана и баба му Олимпија), ако гробницата била така направена што лесно би можела да се открие.

Оваа логика не му е туѓа ни на најнапаѓаниот македонски археолог на сите времиња, Паскал Кузман, веројатно единствениот човек на светот кој трпеше јавна критика затоа што си ја врши својата работа. И тој неколку пати досега има јавно изјавено дека верува дека гробот на Александар е во Македонија, иако смета дека поради политичките проблеми со Грција, работењето на тој проблем ќе мора да чека подобри времиња.

Многу поконкретен од Кузман беше сега покојниот Паскал Камбуровски, човек кој иако не беше историчар по професија, пет децении ја истражувал македонската античка историја, автор на книгите „Гробот на Александар Македонски“ и „Тајната на Олимпија“. Пред повеќе години тој дури ме одведе на едно од местата за кои смета дека би можеле да преставуваат скриен влез во гробницата на Александар или барем на генералот Аристон. Дали тоа значи дека сме биле блиску до решение на една од најголемите македонски, но и светски мистерии? Кој знае. Засега, мистеријата останува мистерија, а сонот на илјадници светски археолози и натаму останува само сон.

Пеонските гробишта кај Марвинци