Во околината на Слупчане, општина Липково ќе гради спомен кула на борците од ОНА. Локалните власти ќе потрошат неверојатни 200.000 евра за изградба на споменикот. Во време на пандемија општината реши меѓу приоритетите да биде токму градењето на ова спомен обележје, пренесе телевизија АЛФА.
На сајтот на бирото за јавни набавки веќе е објавен договорот меѓу општината и компанијата Хоџа инжинеринг од Куманово, која има рок изградбата да ја заврши за шест месеци, односно до 25 ноември. Договорот, со вклучено ДДВ е склучен на сума од 12.115.109 милиони денари, или приближно 200.000 евра.
Екипата на АЛФА го побара градоначалникот на општина Липково, Ерхан Арифи, кадар на ДУИ да објасни зошто толку пари за едно спомен обележје и зошто истото е приоритет во ковид криза.
-Се одѕва на нашиот прв телефонски повик и рече дека ќе не побара подоцна. Но возвратен повик не добивме. Токму на местото, каде што треба да се изгради спомен обележјето, на 2 мај годинава, на 20-годишнината од воениот конфликт, лидерот на ДУИ, Ахмети положи свежо цвеќе, и вети дека спомен кулата набрзо ќе биде изградена, потсетува АЛФА.
-Секако дека денеска почнуваат работите. За изградбата на овој споменик, како што кажав, во спомен на паднатите борци, ОНА, мајките, жените, сестрите од оваа зона. На 28 ноември овој споменик ќе биде завршен, рече Али Ахмети, лидер на ДУИ.
Градоначалникот на Липоково неодамна за медиумите изјави дека споменикот ќе биде легално поставен со сите дозволи.