Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска ќе патува за Луксембург и Брисел на последни консултации и разговори со претставници на Европската Унија и земјите – членки на Унијата, спроти Министерскиот состанок за општи работи (ГАК), каде на дневен ред ќе се најде одлуката за почеток на преговорите со Македонија.
Во рамките на посетата, како што соопшти прес-службата на СЕП, Османи ќе има и работна средба со алтернативниот министер за Европа на Грција, Милтиадис Варвициотис, прва официјална средба на министрите за европски прашања на двете земји, по изборот на новата Влада на Мицотакис во Грција.
На средбата се очекува да бидат отворени прашањата за билатералната соработка меѓу двете земји, особено во рамките на предвидената соработка за европските интеграции на земјата.