Во Кавадарци денеска беше презентирана Банката за храна, со цел намалување на бројот на сиромашни семејства. Презентацијата беше пред претставници на компании кои произведуваат храна и пијалоци, со цел тие во иднина да донираат дел од вишоците производи, кои им се јавуваат при работењето.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев рече дека општината секогаш е подготвена да поддржи добри проекти.

– Ние како локална самоуправа ќе обезбедиме магацински простор и возило за транспорт на донираната храна. Сите знаеме дека има количини на храна кои се фрлаат. Сметам дека е добро таа храна да се намени за оние на кои им е потребна, нагласи Јанчев.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски, кој беше во посета на Кавадарци. Тој исто така нагласи дека ова е добар начин да им се помогне на оние кои имаат потреба од помош.

Проектот за кој локален партнер е Еколошкото друштво „Еко-живот” од Кавадарци, го претстави Душко Христов, директор на Банката за храна во Македонија. Тој потсети дека ваквата грижа за сиромашните семејства во државава постои веќе седум години. Донирани се над 600 тони храна. Притоа нагласи дека во земјава се фрла толку храна, со која може да се нахранат жителите на Кавадарци