Владата се уште без официјален став за тоа кога би се реализирал евентуалниот телефонски разговор или средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во рамки на процесот на преговорите за решавање на спорот со името.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција не прецизира до каде се преговорите и дали е можна средба или телефонски разговор на премиерите на Грција и Македонија до крајот на неделава. Не сакаше да даде ниту коментар на ФБ статусот на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Од дипломатски извори: четврток или петок (оваа недела) ќе се случи средбата Ципрас – Заев во грчката Мала Преспа и потпишувањето на Договорот за смена на името Република Македонија. Главен координатор за овој настан и потпишувањето е Бојан Маричиќ, советник во кабинетот на премиерот, е ФБ статусот, кој Милошоски го објави на својот профил.

– Имаме официјална прес-конференција во Владата на РМ. Не си дозволувале да коментираме неофицијални информации без разлика од какви извори доаѓаат, се додека немаат кредибилитет и легитимитет, рече Бошњаковски.

И на прашањето дали до крајот на неделата се очекува разговор или средба Заев – Ципрас, рече дека Владата останува на претходно кажаните ставови дека не навлегува во сферите на шпекулациите.

– Сметаме дека ова прашање е исклучително важно и тоа што претходно го најави премиерот останува како владин став и денеска, рече владиниот портпарол.

Премиерот Заев вчера изјави дека во прашање се денови кога ќе се случи телефонскиот разговор меѓу него и Ципрас и додаде дека во моментот се уште се создаваат околностите тоа да се случи.

Македонскиот премиер не сакаше да шпекулира за прифатливите предлози околу името, ниту за тие содржани во пакетот на медијаторот Метју Нимиц.

Процесот, според него е на самиот крај и изрази верување дека крајот ќе биде успешен.

– Прашањето е сензитивно и ќе останам внимателен. Овие денови сакам да бидат денови на успешно завршување на процесот. Кога сите детали ќе бидат договорени  веднаш ќе бидат споделени. Чувствително е кај нас, чувствително е и во Грција, рече Заев и додаде дека, сепак, за прашањето на крајот граѓаните ќе одлучуваат на референдум.