Според последните известувања од американските медиуми бројот на загинати во поплавите во североистокот на САД се искачи на 46 лица.
Двегодишно дете е меѓу загинатите во Њујорк и Њу Џерси. Тело на 19-годишно момче е пронајдено во поплавен стан во Мериленд.
Имено, остатоците од ураганот Ида, кој изминатиот викенд ја опустоши американската држава Луизијана, донесе рекордни количества дожд и огромни поплави.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио одржа прес-конференција на која истакна дека „цената што ја платија некои њујорчани е страшна и трагична“.
– Некои семејства сега тагуваат. Треба да бидеме тука за нив, за сите граѓани кои сега се борат со последиците од оваа катастрофална бура. Луѓето минуваат низ пекол. Потребна им е помош, нагласи Де Бласио.
Си Би Ес објави снимка која се прошири низ социјалните мрежи, прикажувајќи возачи во потопени автомобили во Њујорк. Лицето кое снима вели дека возачите „врескале и барале помош“. Видеото можете да го погледнете на овој ЛИНК.
Новинарката Кристи Илето, на Твитер објави фотографија направена вчера изутрина во поплавениот центар во Филаделфија.
Предупредувања за поплави се издадени за подрачјата на шест други американски држави (Конектикат, Мејн, Масачусетс, Њу Хемпшир, Род Ајленд и Вермонт).
Предупредување за голем дел од овие шест држави издаде Метеоролошката служба на САД, во кое се наведува дека нивото на водата на некои реки и потоци продолжува да расте и е многу веројатно тие да се излеат од своите корита.
Нивото на водата на реката Шујлкил во државата Пенсилванија, во близина на Филаделфија, расте незапирливо. Таа достигна три метри, а според временската прогноза, може да се зголеми уште еден метар.
Итните служби во градот Бриџпорт, на околу 30 километри од Филаделфија, ги спасуваат луѓето од поплавените куќи со чамци.
Објавени се снимки и од метро станиците во Њујорк, каде водата незапирливо продира.
Забраната за патување, која беше воведена во Њујорк по рекордното количсетво дожд, е укината. Но, властите продолжуваат да ги повикуваат луѓето да останат дома додека итните служби работат на чистење и проценка на штетата направена на патиштата.
Повеќе од 100.000 домаќинства во трите држави во североисточниот дел на САД (Њујорк, Њу Џерси и Конектикат), кои беа најтешко погодени од бурата, останаа без електрична енергија.
Поради огромното количество врнежи во Њујорк и Њу Џерси, прогласена е вонредна состојба.
Мерењата во Централ Парк во Њујорк покажаа дека дождот соборил историски рекорди.
На мерната станица во Централ Парк, измерена е висина на водата од неверојатни 217 сантиметри. Претходниот рекорд изнесуваше 117 сантиметри и регистриран е во 1927 година. Нивото на водата во Централ Парк се мери од 1869 година.
Шефицата на Федералната агенција за управување со вонредни ситуации, Дин Крисвел, истакна дека разговарала со американскиот претседател Џо Бајден за штетата која е причинета откако остатоците од ураганот Ида предизвикаа огромни поплави во североисточниот дел на САД.
– Очекувавме значително количество дожд кој го донесе Ида додека се движеше североисточно од државата, но не знаевме точно каде ќе падне. Мислевме дека може да биде во Тенеси или Западна Вирџинија, но додека Ида се движише кон исток, видовме дека најмногу дожд падна во Мериленд, Пенсилванија, Њујорк и Њу Џерси, изјави Крисвел, додавајќи дека се очекуваат повеќе проблеми.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хохул, рече дека градот е парализиран од невиденото количество дожд. Таа ги повика граѓаните да останат дома и да ја проверат состојбата на нивните најблиски.
– Ова беше апсолутно неверојатно, луѓето се шокирани. Граѓаните кои мислеа дека ќе можат безбедно да се спуштат во своите подруми или ќе седнат во метрото беа изненадени. Оваа бура без преседан промени се. Њјорк е буквално парализиран, нагласи Хохул за Си Ен Ен.
Фил Марфи, гувернер на Њу Џерси, рече дека ноќта кога наврнаа историските количества дожд била „пеколна“, додавајќи дека проблемите во таа федерална држава се уште не се завршени.
– Добиваме извештаи за торнада, опасни поплави и за жал, загуби на живот. Ги молиме луѓето да останат дома, да се држат подалеку од патиштата, бидејќи се уште има многу дрвја на патиштата, додаде тој.
Марфи истакна дека „Њу Џерси е држава која веројатно е најизложена на климатските промени во САД со оглед на тоа што имаме толку голема густина на населеност“.
Си Ен Ен објави дека 132,5 милијарди литри вода паднале во пет главни области во Њујорк во период од пет часа.
– Тоа е еквивалентно на околу 50.000 олимписки базени, изјави метеорологот Педрам Јавахери.
Толку многу врнежи во краток временски период би биле проблематични насекаде во светот, но кога ќе падне таков дожд во урбана област како Њујорк, тогаш проблемите стануваат многу поголеми.
Според американската Агенција за океани и атмосфера (NOAA), станува збор за дожд што може да падне еднаш во 500 години.