Со младински поетски камп што од утре до 20 овој месец ќе се одржува на повеќе атрактивни локации во Охрид, Дебрца и дебрчкото село Црвена Вода ќе се обновува споменот на писателот – втемелувач на македонската литература за деца и млади, легендарниот Ванчо Николески.

Учесниците на кампот, деца и млади од повеќе држави на поширокото подрачје на Балканскиот Полуостров ќе творат и другаруваат на манифестацијата што ја организира Здружението за култура и литература „Мацково” од Охрид, со поддршка на Општина Дебрца и Министерството за култура.

Ванчо Николески е роден во 1912 година. Основно училиште завршува во родното село Црвена Вода, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, работел како учител во многу села низ Македонија. По ослободувањето Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Има објавено триесетина романи, поеми, збирки поезија, збирки раскази, сликовници, приказни и бајки. Децата го познаваат преку романот „Волшебното самарче” и по поемата „Мице”. Во 1946 година ја објави првата поетска збирка на македонски јазик „Македонче“.

Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Преведуван е на сите јазици на народите од поранешна Југославија, и самиот се занимавал со преведување од српски и руски јазик.

Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија, секоја година ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.