Свечено беше отворена најголемата ранохристијанска црква на територијата на Бугарија, обновена во градот Пловдив, епископската базилика на Филипопол, јави дописникот на МИА од Софија.

На церемонијата присуствуваа градоначалникот Здравко Димитров, амбасадорот на САД во Бугарија Херо Мустафа и претседателката на фондацијата „Америка за Бугарија“, Ненси Шилер, бидејќи реставрацијата и изложбата на антички мозаици и сите наоди на базиликата се дел од јавно-приватно партнерство меѓу фондацијата „Америка за Бугарија“ и општина Пловдив, која трае шест години.

Базиликата се наоѓа во музејски комплекс, каде што на речиси 2000  квадратни метри се изложени уникатните мозаици, експонирани на две нивоа, кои посетителите можат да ги видат на патеките од калено стакло. Исто така, има атрактивни зони, детско игралиште, работилница за реставратори и изложбен простор.

Реставраторската работа започна во 2015 година. Вклучени беа тимови на археолози, инженери и многу доброволци. Возобновената базилика има импресивни димензии – вкупна должина од 90 м и ширина 36 метри, што ја прави најголема ваква градба од IV-VI век во Бугарија. Функционирала како верски храм од средината на 4-ти до крајот на 6-от век, а во средниот век врз нејзините остатоци била изградена христијанска некропола.

Отворањето на базиликата се случува на денот кога УНЕСКО го слави денот на зачувување на спомениците на културата. Таа е под заштита на Светската организација за зачувување на културното наследство.

Базиликата е откриена за време на спасувачките археолошки ископувања во 80-тите години на ХХ век, кога се градел подземниот премин на Централната пошта во Пловдив. Во последните пет години, со над 16 милиони лева (осум милиони евра) финансирани од фондацијата Америка за Бугарија и општина Пловдив, направена е целосна реставрација и конзервација на пронајдоците, изградена е кровната зграда и облагороден е просторот околу плоштадот. Потоа следувал период на почетно истражување и замрзнување на објектот, сè до неговото целосно откривање во 2017 година.