Околу 3.410 хектари или 12 отсто од заштитениот регион Натура 2000 досега изгореа во пожарот во  Националниот парк Дадиа во Еврос, активен веќе седми ден, а противпожарните сили секојдневно, од копно и воздух се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според сликата од сателитот Сентинел 2 преземена и обработена од тимот на Националната опсерваторија на Атина и порталот Метео, проценката за површината зафатена од шумскиот пожар заклучно со вчера напладне во Дадиа Еврос е приближно 3.410 хектари, односно околу 12 проценти од заштитено то подрачје на Натура 2000.

Националниот парк Дадиа-Лефкими-Суфли со борови и дабови шуми, се наоѓа во областа Еврос во североисточниот дел на Грција и е едно од најважните заштитени подрачја на национално, европско и меѓународно ниво, како и една од првите области во земјата што е прогласена за заштитена бидејќи коегзистираат голем број видови флора и фауна кои се наоѓаат на Балканот, во Европа и Азија.