Премиерот  Зоран Заев со делегација на владини претставници, како и претставници од Македонската православна црква и Римокатоличката Црква во Македонија, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Италија и Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“.

Како што соопшти владината прес служба, денеска, премиерот Заев и делегацијата ќе пристигнат во базиликата „Свети Климент“ на молебен, каде ќе ги пречека старешината на базиликата, отец Томас Мекарти.  Во оваа базилика, македонската и бугарската владина делегација заедно ќе положат венци цвеќе на гробот на св.Кирил. Македонската делегација потоа ќе се упати кон базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде ќе положат цвеќе на спомен плочата од папата Адриан II, во чест на св.Кирил и Методиј.

Македонската делегација ќе положи венци цвеќе и на споменикот св. Кирил и Методиј во Амбасадата на Република Бугарија, каде ќе има и заеднички ручек на претседателите на владите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Премиерот Заев придружуван од владината делегација утре ќе присуствува на аудиенција кај папата Франциско во Апостолската Палата во Ватикан, а потоа премиерот Заев ќе се сретне со државниот секретар на Светата Столица, кардинал Пјетро Паролин.