Еден од најзначајните регионални собири на медиумската, комуникациската и креативната индустрија, Weekend.19 во Ровињ, годинава беше местото каде што за првпат пред публика беше претставен големиот филмски проект за Тоше Проески, зад кој стои ОХО Продукција.

Во Старата фабрика за тутун во Ровињ, која од 24 до 27 септември повторно стана средиште на регионалната медиумска, креативна, технолошка и бизнис сцена, ОХО Продукција го претстави проектот во рамки на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“.

Пред публика составена од професионалци од целиот регион, продуцентот Пеце Талески, авторот на проектот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин првпат јавно ја отворија приказната за проектот што се развива во три различни формати: игран филм, играна серија и документарна серија.

ОХО Продукција

И ако постои приказна што речиси целиот регион мисли дека ја знае, тоа е приказната за Тоше.

Но токму тука започнува најголемиот предизвик.

Како се снима филм за човек за кого милиони луѓе веќе имаат сопствена слика, сопствено сеќавање и сопствена емоција?

Токму ова прашање беше во центарот на разговорот во Ровињ. Авторскиот тим зборуваше за настанувањето на проектот, долгогодишното истражување на животот и личноста на Тоше, разговорите со луѓето кои го познавале и за можеби најтешката задача во целиот процес: огромниот број факти, сведоштва и лични спомени да се претворат во една силна филмска приказна.

Тоше Проески остави трага што одамна ги надмина границите на една музичка кариера. Неговиот глас, лице, песните и насмевката и денес се дел од колективната меморија на милиони луѓе во регионот.

Токму затоа задачата на авторите не е само да реконструираат една исклучителна кариера.

Предизвикот е да го пронајдат човекот зад јавната слика што публиката толку добро ја познава.

„И јас би сакал да го знам тој Тоше.“

Оваа реченица Тоше ја изговорил во своето последно интервју, само неколку часа пред трагичната смрт, а Игор Стоименов ја издвои како една од клучните реченици за разбирање на целиот проект.

ОХО Продукција

„За мене во таа реченица се наоѓа душата на овој проект. Додека јавниот Тоше стануваше сè поголем, приватниот Тоше како да имаше сè помалку простор за себе, за љубовта, верата, своите соништа и правото на обичен живот. Преку играниот филм, серијата и документарната серија сакам да го најдеме токму тој Тоше, момчето од Крушево, човекот зад гласот, концертите, насловните страници и митот. Никогаш нема да дознаеме до каде ќе стигнеше неговиот глас, но ќе се обидеме заедно со публиката да откриеме кој бил човекот што го носел тој моќен тенор“, рече Стоименов.

Неговата приказна, сепак, не е само приказна за исклучителен музички талент.

До својата 26. година Тоше со леснотија се движеше од поп и рок музика, преку традиционалната музика, до комплексни оперски арии. Во моментот кога неговиот живот беше трагично прекинат, неговиот уметнички пат беше далеку од завршен. Бараше нов звук и отвораше пат кон меѓународна кариера, додека сè што дотогаш имаше постигнато само навестуваше колку далеку можеше да стигне.

За продуцентот Пеце Талески, токму ширината на таа приказна ја одредува и амбицијата на целиот проект.

„Од почетокот знаевме дека оваа приказна не може да остане во рамките на еден формат. Затоа проектот го развиваме како игран филм, играна серија и документарна серија. Тоше беше регионално препознатлив, но приказната за човекот зад успехот е универзална и веруваме дека може да комуницира и со публика која не ја познава неговата музика“, рече Талески.

Сценаристката Милана Влаовиќ истакна дека патот до приказната водел низ обемно истражување и десетици разговори со луѓе кои го познавале Тоше.

„За да дојдеме до контурите на оваа приказна моравме да направиме десетици разговори и интервјуа, да ги преслушаме песните, да ги посетиме локациите, да истражуваме и да го составуваме мозаикот на животот на една ѕвезда кој во голем дел беше јавен. Но тоа не ни беше доволно. Сакавме да одиме подлабоко. Требаше да го пронајдеме човекот и на луѓето да им понудиме приказна за него која цело време била таму, скриена од рефлекторите, и чекала некој конечно да му ја покаже на светот“, рече Влаовиќ.

Токму тука се наоѓа едно од централните прашања на проектот: каде завршува јавната слика на ѕвездата, а каде почнува човекот зад неа?

За сценаристот Андреј Волкашин, тоа истовремено значи и да се направи прецизен избор од огромната количина материјал што постои за животот на Тоше.

„Пред нас е огромен материјал: факти, сведоштва, сеќавања и моменти што луѓето веќе ги знаат. Но еден филм не може да содржи цел човечки живот. Најголемиот сценаристички предизвик е да препознаеме што навистина ѝ припаѓа на приказната и каде престанува биографијата, а почнува филмот“, рече Волкашин.

Затоа авторите не тргнуваат само од биографските факти и познатите моменти од кариерата на Тоше. Преку лични сведоштва, музичкото наследство, локациите, архивските материјали и разговорите со луѓето кои биле дел од неговиот живот, тие се обидуваат да создадат поширока слика за човек чиј професионален живот речиси постојано се одвиваше пред очите на јавноста, додека голем дел од она што се случуваше надвор од сцената остана непознато.

„Секој има своја приказна за Тоше“ е една од појдовните мисли на целиот проект.

Токму мноштвото такви приказни станува дел од неговото создавање. Зашто кога милиони луѓе носат сопствено сеќавање за ист човек, предизвикот не е повторно да се раскаже она што сите веќе го знаат.

Предизвикот е да се пронајде приказната што сè уште не ја виделе.

Присуството на ОХО Продукција во Ровињ доби и уште еден македонски потпис. По презентацијата, гостите на Weekend.19 имаа можност да ги пробаат вината на Тиквеш и чоколадните производи на Витаминка, носејќи дел од македонскиот вкус на една од најпрестижните регионални конференции.

Така, покрај приказната што допрва ќе стане филм, Ровињ тој ден доби и малку Македонија: преку идејата, авторите, продукцијата, но и преку вкусовите со кои проектот беше испратен пред регионалната публика.

Проектот на ОХО Продукција се развива како игран филм, играна серија и документарна серија, кои од различни перспективи ќе му пристапат на животот, кариерата и наследството на еден од најпрепознатливите музичари од овие простори.

Претставувањето на Weekend.19 во Ровињ беше првиот јавен поглед во креативниот и истражувачкиот процес на проектот што допрва се создава.