Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, почна со собирање на 10.000 потписи, со цел нејзината кандидатура да се сфати и како надпартиска. Таа ги повика подржувачите да излезат во канцелариите на ДИК, а како потврда за нивниот придонес да си направат селфи и на тој начин да ги поттикнат и мобилизираат останатите.
„Како што веќе најавив, од денес, па во наредните две недели, ќе се одвива постапката за собирање потписи за мојата претседателска кандидатура и тоа во локалните канцеларии на ДИК во вашите места на живеење. Секој ваш потпис ќе значи огромна поддршка и поттик не само за мене лично, туку и за сите наши сограѓани – овој процес ќе биде знак дека сме обединети околу заедничката: сите за Македонија!
Најдобар начин да ги мотивираме другите и да испратиме порака дека од нас зависи, е да излеземе масовно до канцелариите на ДИК и да ставиме потпис. Доколку почувствувате потреба да ги охрабрите другите, би можеле да направите самослик (selfie) и да го постирате заедно со хаштагот #СеПотпишавЗаПравоиПравда.
Се разбира, ова е само една идеја за мобилизирање и взаемно оснажување – помислете дека секој таков чин може да ги инспирира другите околу вас! И така, на крајот, навистина, од овој процес да излеземе здружени околу Македонија.
Бескрајна благодарност до сите вас што ме охрабрувавте и дававте конкретна поддршка и во изминатиот период“, напиша Силјановска.