Седницата на Комисија за деловничко-мандатни и имунитетни прашања, на чиј дневен ред е барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април, продолжува денеска напладне.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, ја презакажа седницата за денеска бидејќи вчера за збор се пријавиле повеќемина говорници.

Вељаноски заедно со ексминистрите од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанкиески и Спиро Ристовски, во средата беше приведен на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, а на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка 30-дневен притвор.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето на судот и во рок од два дена да го достави до претседателот на парламентот. По добиенот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници.