На белградскиот аеродром пристигна првиот дел од контингентот вакцини на компанијата „Фајзер“.

Во контингентот има 4.800 вакцини, а според претходните најави, тие се наменети првенствено за корисници на домови за стари лица.

Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија веќе даде согласност за употреба и увоз на вакцините на „Фајзер“.

Денеска ќе се одржи првата работна седница на Националниот координативен тим за имунизација против Ковид-19, на која треба да се усвои Оперативниот план за подготовка и спроведување на имунизација на населението во Србија.

Владата на Србија ги усвои општите цели на планот за имунизација со кои се предвидува активности за постигнување на овие цели, што е наведено во Акцискиот план подготвен од Институтот „Батут“.

Директорот на Агенцијата за лекови и медицински помагала, Павле Зелиќ, вчера изјави дека вакцината на „Фајзер“ е со ефикасност од 95 отсто, како што е наведено во нејзината документација.

Кога станува збор за руската вакцина „Спутник“, Зелиќ рече дека се направени општи, специјални и безбедносни тестови.

-Треба да ја комплетираме нашата проценка, работиме на тоа и ќе работиме интензивно, очекуваме добри резултати и во однос на таа вакцина, изјави Зелиќ.

Тој посочи дека во тек се преговори со секој што може да биде потенцијален снабдувач на вакцини за Србија.