Најмалку пет лица загинаа во терористички напад, а 15 повредени се пренесени во болница по силната експлозија што утринава се случи во центарот на сомалиската престолнина, Могадишу. Според локални медиуми, во експлозијата загинале осум лица, а се повредени најмалку 23 лица.
Експлозијата во близина на крстосницата К4, во срцето на Могадишу, беше толку голема што ги урна ѕидовите на блиското основно и средно училиште Мукасар, а во нападот уништени се и голем број автомобили.
Одговорноста за терористичкиот напад ја презеде групата Ал Шабаб која е поврзана со терористичката организација Ал Каеда. Цел на нападот бил конвој на Обединетите нации, кој минувал по улицата.
Експлозијата била предизвикана од автомобил-бомба, како што најчесто оваа терористичка група ги изведува нападите.
Американската амбасада во Сомалија, преку Твитер, изрази сочуство до семејствата на жртвите и повредените и воедно потенцираше дека САД силно ги осудува сите облици на тероризам. „Луѓето во Сомалија заслужуваат да живеат живот без страв од напади“, се посочува во американската реакција.