Почна судењето на родителите на тинејџерот вооружен напаѓач кој уби 10 лица во училиште во југоисточна Турција, при што обвинетите изјавија пред судот дека не знаече оти нивниот син планира напад, јавија локалните медиуми.
Угур Мерсинли, главен инспектор на полиција, и неговата сопруга Пејман Пинар се појавија пред суд во Кахраманмараш поради пукањето во април извршено од нивниот син, тогаш ученик во осмо одделение. Напаѓачот (14) уби девет ученици и еден наставник. Напаѓачот исто така загина за време на нападот, а мотивот останува нејасен, пренесе ДПА.
Обвинителите бараат 10 последователни доживотни казни плус до 30 години затвор за таткото, тврдејќи дека знаел за психолошките проблеми на својот син и интересот за оружје, но не преземал ништо – вклучително и тоа што му дозволил да пука со оружје на стрелиште и дека неколку парчиња оружје чувал достапни дома.
Мајката се соочува со до 22,5 години затвор за наводно непостапување по предупредувањата дека нејзиниот син има потреба од третман, според приватната телевизија НТВ.
Таткото му рече на судот дека неговиот син ги зел оружјата „без негово знаење“. Мајката рече дека знаела каде се чувале оружјата, но не и колку ги имало.
Истражителите пронајдоа рачно нацртани планови на училиштето и план за напад на компјутерот на напаѓачот, заедно со пет пиштоли и 84 чаури на местото на настанот, сите регистрирани на таткото. Родителите двапати биле известени дека момчето има потреба од проценка на психолошка состојба.
Двајцата обвинети ги негираат обвиненијата. Судењето продолжува.




