Во употреба денеска беше пуштена училишна спортска сала за основното училиште „Реџеп Вока“ во тетовска Шипковица, инвестиција од 24 милиони денари во рамки на проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали финансиран од Банката за развој при Советот на Европа.

– Основното училиште „Реџеп Вока“ во Шипковица од Тетово сега има нова и модерна спортска сала, која не само што ќе им служи на учениците и наставниците од ова училиште за достоинствено реализирање на наставата по спорт и спортски активности, туку ќе имаат можност објектот да го користат и по завршување на часовите. Покрај учениците, салата ќе можат да ја користат и локалните жители за рекреативни активности, спортските клубови и здруженија и сите заинтересирани, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Тој истакна дека примарна цел на оваа инвестиција на МОН се учениците и дека влогот во изградбата и унапредувањето на спортската инфраструктура во земјата значи влог во доброто психофизичко здравје на младите и придонес кон нивното правилно насочување и оттргнување од пороците на денешницата. Според него, изградбата на нови спортски сали и воопшто терени за  каков било спорт создава можности и основа за развој на нови врвни спортисти и репрезенти на спортските клубови и националните спортски федерации, а со тоа и нови спортски амбасадори на земјата.

На настанот присуствуваше и градоначалничката на Тетово Теута Арифи која истакна дека оваа е  прва спортска сала која се гради и пушта во употреба во селата на Шар Планина.

-Тоа е од големо значење за учениците и нивниот развој. Ние како општина ќе работиме и на отворање паралелки за ран детски развој, рече Арифи.

Преку проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски досега се изградени 70 спортски сали, додека 15 други се во фаза на градба, информираа од МОН.