Американскиот претседател Доналд Трамп одбил да се издаде официјално соопштение на Белата куќа во кое се изразува почит кон херозимот на починатиот републикански сенатор од Аризона, Џон МекКејн.
Наместо официјално соопштение, Трамп решил порака со сочувство до семејството да испрати преку Твитер.
„Вашингтон пост“ пишува дека советниците на Трамп подготвиле соопштение од американскиот претседател пред МекКејн да почине во саботата, во кое се изразува почит за воениот ветеран од Виетнам, за неговото служење во армијата како и за сенаторскиот мандат.
Но, Трамп, кој во 2015 година го предизвика жестоко МекКејн за неговото петгодишно заточеништво во Виетнам со зборовите:„Ги сакам тие што не беа заробени“, дал инструкции да не се објави соопштението и покрај барањето за такво нешто од неговите блиски соработници Сара Хакаби Сандерс и Џон Кели, пишува „Вашингтон пост“.
„Моето најдлабоко сочувство и почит за сенаторот Џон МекКејн. Нашите срца и молитви се со вас!“, објави Трамп на Твитер.