Со барања за порадикални мерки за ублажување на ценовниот шок и стандардот на живеење, белгиските синдикати денеска организираат национален протест, јави дописничката на МИА од Брисел.
Најголема парализа се очекува во главниот град, Брисел, каде јавниот превоз протестира, што ќе предизвика силен метеж во Брисел, како и во сите поголеми белгиски градови. Синдикатите го започнуваат протестот во центарот на главниот град во 10 часот утрово.
Протестот се однесуваше првенствено на закон од 1996 година кој оневозможува покачување на платите вон системот на автоматска индексација. Во меѓувреме економската и енергетската криза во Европа го зголеми списокот на барања на синдикатите. Тие сега бараат силно оданочување на големите профити на енергетските индустриски групи и претпријатијата кои се збогатуваат благодарение на инфлацијата, додека работниците остануваат заглавени со недоволни покачувања на платите.
Претставниците на работниците исто така бараат укинување на контроверзниот закон од 1996, редистрибуција на средствата за работниците и предупредуваат дека доколку власта го допре законот за автоматска индексација на платите, протестите ќе се радикализираат.
Работниците велат дека мерките што ги најави владата за ублажување на кризата се далеку од доволни, како на пример одлуката да се намали енергетската фактура само во ноември и декември. За синдикатите единствено решение е масовно оданочување на огромните профити и редистрибуција на тие средства за работниците на долг рок, а не само за ограничен период.
Поскапувањето на цените на енергијата е итна социјална состојба, предупредуваат синдикатите и најавуваат генерален штрајк и во ноември.
Преносот во живо од протестот може да го следите на овој ЛИНК.