Американскиот весник „Волстрит џурнал“ објави ексклузивен текст под наслов „Украина сега се бори против Русија и во Судан“.
-Кога генерал-полковник Абдел Фатах ал Бурхан, воениот водач на Судан, минатото лето се најде опкружен со бунтовничките сили, се обрати за помош кај неверојатен сојузник: украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според тврдењата на украинските и суданските воени претставници, набргу откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, Бурхан почнал тајно да го снабдува Киев со оружје, посочува „Волстрит џурнал“.
Според весникот, Зеленски се одлучил да му испрати помош на Бурхан поради што суданските бунтовници имаат поддршка од руската платеничка група Вагнер, која во Судан копаа злато со кое ја финансираат руската агресија врз Украина.
Украинските специјални сили пристигнале во Судан неколку недели откако Зеленски го примил барањето од Бурхан и веднаш се судриле со бунтовничките сили во обид да ги избркаат од главниот град Картум. Бурхан набрзо го напуштил градот придружуван од неговите телохранители, а неговото извлекување од Картум го овозможиле украинските специјални сили.
Весникот истакнува дека Бурхан потоа се сретнал со Зеленски во Ирска.
Според „Волстрит џурнал“ „операцијата вклучува значителен политички ризик во време на колебање околу помошта од Западот за Украина“.
По заминувањето на Бурхан од Картум, следната задача на украинските борци била да ги протераат бунтовничките сили поврзани со Вагнер од главниот град на Судан.
Според американскиот весник, најголем дел од украинските операции во Судан биле извршени од единици на Управата за воено разузнавање.
Директорот на украинската Управа за воено разузнавање, Кирило Буданов одби да каже дали украинските војници сè уште се во Судан.
-Водиме сеопфатна војна против Русија. Имаат единици во различни делови на светот и ние понекогаш се обидуваме да ги нападнеме таму, посочи Буданов.