Владата на Хрватска на денешната седница ќе разгледува и голем пакет инвестиции во армијата, што опфаќа набавка на јужнокорејски ракетни системи и ново оружје, дополнително опремување на борбените авиони Рафал и модернизација на радарските и комуникациски системи на хрватското воено воздухопловство. Според хрватски медиуми, меѓу финансиски најзначајните проекти е набавка на лансирни рамки Чунму (Chunmoo). Владата би требало да одобри и преземе финансиски обврски за реализација на тој проект за периодот 2027 – 2029 година.

Хрватска треба да набави 18 ракетни системи со голем дострел „ Chunmoo К239“ од јужнокорејско производство, а вредноста е 435,2 милиони евра без ДДВ. Поголемиот дел од арсеналот треба да пристигне до 2028 година, а остатокот најдоцна до 2029 година. Договорот со јужнокорејската компанија „Ханва Аероспејс“ треба да биде потпишан на 8 септември.

„Chunmoo К239“ често се споредува со американскиот HIMARS и може да користи различни видови ракети со дострел од 30 до повеќе од 300 километри. Хрватска веќе нарача американски HIMARS, чија испорака се очекува во 2028 година, па аквизицијата на „Chunmoo“ дополнително би ја зајакнала способноста на хрватската армија да дејствува со голем дострел.