Во Германија е забележано зголемување на бројот на кражби на горива на бензинските пумпи.
Тенденција на пораст на случаите на кражби на горива е регистрирана и минатата година, односно и пред цената на дериватите драстичното да се зголеми поради кризата во Украина.
Германското списание „Билд“ објави податоци дека лани во земјата се регистрирани 5.800 случаи на кражби на горива, што е за 70 проценти повеќе во споредба со 2020 година.
Независно што речиси сите бензински пумпи во Германија се покриени со постојан видео-надзор, се поголем е бројот на возачи што се дрзнуваат да го наполнат резервоарот на своето возило и да заминат без да платат.
Полицијата нема објаснување за таквата појава.
– Само последниот месец снимивме дури десет такви дела, ја пренесува „Билд“ изјавата на Гинтер Фридел, шеф на Здружението на бензински пумпи во Баварија, што е значително повеќе во споредба со 2021 годна кога тој број не надминувал шест случаи месечно.
Истовремено е регистриран намален број кражби на автомобили, додека е зголемен бројот на кражби на автоделови. Најчесто мета на крадците се катализаторите на возилата.