Македонскиот главен град и денеска е најзагаден во Европа и на петтото место на ранг-листата на најзагадени градови во светот, според податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздухот Ај-кју ер.

Скопје се наоѓа на 5. место на листата со индекс на загаденост од 165. Според платформата, во моментот на рангирањето, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.

Главен загадувач што е наведен се ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 74,9 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 84,5 микрограми на кубен метар.

Според упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град во моментов е 15 пати поголема од годишната вредност.

Највисока загаденост утрово била регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа е кај Ректорат и во Гази Баба.

Во првите десет најзагадени градови единствен од Европа, освен Скопје, е Приштина која се наоѓа на 6. место со индекс на загаденост 160.

Прв на ранг-листата на најзагадени градови во светот е Лахор во Пакистан, потоа следуваат Делхи во Индија и Ханој во Виетнам, на 4. место е Чонгкинг во Кина и Скопје на 5 место.

Фото: Денешен