Во последните десет години над 80% од увезените автомобили се половни, а годинава на еден нов автомобил доаѓаат 3,5 половни. Истовремено, бројот на регистрирани возила е дуплиран – од 350 илјади во 2012 на речиси 700 илјади во 2024, но и покрај тоа просечната старост е зголемена на 19,4 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили.
Во Скопје е регистрирано секое трето возило во земјава, со над 33% од патничките и 38% од товарните автомобили. Дизелот доминира со 63% удел, бензинот паѓа на 26%, а електричните и хибридните возила бележат брз раст – само лани +169% за електрични и +295% за хибридни автомобили.
Ова го покажува анализата на МИА на податоците од Царинската управа и Државниот завод за статистика.
Над 80 проценти од увезените автомобили во последните десетина години се половни
Во земјава од почетокот на годинава досега, според податоците од Царинската управа, се увезени вкупно 62 069 возила, од кои 53 867 се патнички автомобили.
На еден увезен нов автомобил годинава во просек се увезени по 3,5 половни автомобили, односно за 11 месеци годинава увезени се вкупно 12 025 нови атомобили, наспроти 41 842 половни автомобили.
Кај увозот на товарни моторни возила, годинава има повеќе увезени нови возила 4 408, наспроти 3 502 половни, додека нови автобуси и минибуси годинава се увезени само 13, наспроти 278 употребувани.
Од 2009 година досега, според податоците од Царинската управа, увезени се вкупно 631 574 патнички автомобили, од нив над 81 процент или 515 856 се половни, а само 115 718 се нови автомобили.
Увозот на нови возила дури минатата година за првпат го надминува бројот на увезени нови возила во 2009 година, кога за последен пат во земјава биле увезени повеќе нови – 10 574 автомобили, наспроти половни – 2 944 автомобили.
Од тогаш во земјава секоја година се увезуваат повеќе половни од нови автомобили, додека од 2010 до 2023 година ниту еднаш не се увезени повеќе од 10 илјади нови автомобили, и дури минатата година е надминат овој праг кога се увезени 13 168 нови автомобили. Сепак, истовремено, минатата година се увезени и 41 484 половни возила.
Најмногу половни возила се увезени во 2010 година – 51 399, по што годишно се увезувале околу 30 ијади половни возила. Минатата година повторно биле увезени значително повеќе половни возила и тоа 41 483, додека годинава за само 11 месеци таа бројка е надмината и увезени биле 41 842.
Во 2009 година 73,8 проценти од увезените возила биле нови, по што имаме драстичен пад, па од 2010 година во увозот на возила доминираат половните. Во 2010 година уделот на употребувани достигнува 87.1%, а во 2025 година опаѓа на 73.5%. Највисок удел половните имаат во 2012, кога 88,3 проценти од сите увезени возила во земјава биле половни.
Увозот на нови возила од 2010 година бележи благ раст, од 12,9 проценти во 2010, на 26,5 отсто во 2025 година. Највисок удел новите возила имаат во 2022 година, кога 28% од вкупно увезените возила во земјава биле нови.
Секое трето возила во земјава е регистрирано во Скопје, за десет години двојно зголемен бројот
Вкупниот број на регистрирани возила во последните десетина години, според податоците од Државниот завод за статистика, е дуплиран, од 350 762 во 2012 година на 699 111 регистрирно возило во 2024 година, со просечен годишен раст од околу 6 проценти. Најсилни трендови на раст има во 2013 од +17,35 отсто и 2023 година од + 15,62 отсто.
Гледано по категории, патничките автомобили доминираат со стабилен раст (~5.6% годишно) и го носат главниот дел од флотата низ целиот период, додека мотоциклите имаат највисок релативен раст од над 10% годишно, што укажува на проширување на оваа сегментација – можни фактори: достапност, урбани мобилни трендови, пониски трошоци за одржување.
Автобусите растат побавно долгорочно со само +2.58% годишно , а 2024 бележат и пад од −3.7%.
Секое трето возила во земјава е регистрирано во Скопје. Од вкупно 699 111 регистрирани возила лани 229 546 биле регистрирани на територија на Градот Скопје. Истиот тренд е и кај патничките автомобили, со удел од 33,33%, односно од вкупно 580,210 регистрирани автомобили лани, 193,356 биле во Скопје.
Скопје е надпросечно патничко и товарно ориентирано во структурата и двете категории имаат поголема концентрација отколку во државниот просек. Над 38 проценти од товарните возила се во Скопје, како и 33,33% од патничките автомобили. Иако мотоцикли имаат малку под државниот просек по структура, во Скопје сепак се речиси 30% од сите регистрирани мотоцикли во државата. Селскостопанските и помошните категории (трактори, приклучни, работни) се подпросечни по удел, ткаа што само 5,85% од вкупно регистрираните трактори во земјава се во Скопје.
Возниот парк се зголемува, но старее – на патиштата се возат се повеќе и се постари автомобили
Растот на бројот на патнички возила не значи нужно и подмладување на флотата. Напротив, во периоди со силен прилив на употребувани возила, флотата знае да остарува, иако последните години има знаци на стабилизација и минимално подмладување.
Просечната старост на пвозилата е зголемена од 15,7 години во 2009 година, на 19,4 години во 2024 година.
Стареење кај патничките автомобили е најизразено и има додадено +3.7 години, што се совпаѓа со континуираниот прилив на употребувани возила во минатата деценија. Товарните и влечните возила исто така стареат, но со помал наклон од патничките и во истиот период просечната старост е зголемена за 2,7 години, од 14,7 во 2009, на 17,4 години во 2024 година. Сепак, кај товарните трендот е поизразен од кај автобусите, кои имаат најрамна траекторија и раст од 0,7 години, од 18,1 година просечна старост во 2009, на 18,8 години просечна старост во 2024 година.
Во 2012 година на патиштата сме имале вкупно 301,761 автомобили со просечна старост од 16,8 години. Како се зголемува увозот, така се зголемува и просечната старост, а така во 2024 година на патиштата имало 580 210 регистрирани автомобили со просечна старост од 19,4 години.
Просечната старот на автомобилите на патиштата низ земјава лани е 19,4 години, од кои над 87,9 проценти се постари од десет години, додека само 1,8 отсто биле не постари од две години. Ова е негативен тренд, споредено со 2009 година кога просечната старост на автомобилите на патиштата низ земјава била 15,7 години, од кои 68 проценти биле постари од 10 години, а околу 8 проценти биле не постари од две години. Во апсолутни бројки во 2009 година имало двојно повеќе нови коли на улиците, не постари од две години – 22 илјади, споредено со 10 илјади нови коли во 2024 година. Над 455 илјади возила на патиштата во земјава биле произведени пред 2010 година, што значи дека се под Еуро 5 еколошки стандард.
Речиси две третини од автомобилите на улиците се дизели, само еден процент хибрид или електрични
Од вкупно 684 417 регистрирани возила лани, 580 210 биле патнички автомобили. Од нив најголемиот дел или околу две третини биле дизел, 25 отсто бензин и околу еден процент хибрид или електрични.
Во 2024 година на патиштата низ земјава биле регистиррани 365 947 дизел автомобили, 150 439 бензин, 5 078 хибридни и 1 507 електрични возила.
Споредно по години дизелот е структурно доминантен во патничките автомобили и расте со повеќе од 12 проценти годишно во последните десетина години, додека бензинот постепено губи удел и има просечен годишен пад од -2,32 проценти. електричните и хибридни возила се мал сегмент, но со највисоки релативни стапки на раст во последните години, така што во 2024 споредено со 2023 година покажува особено силно зголемување.
Растот на електричните возила лани е 169 проценти, а на хибридите 295 отсто. Во 2024 биле регистрирани 1 507 електрични возила и 5 078 хибридни возила, додека во 2023 биле 561 електрично и 1 287 хибридни возила.
Во последните десет години бензинците од 215 175 во 2014 година и удел од 58 % на патиштата постепено се намалуваат на 150 439 регистрирани возила во 2024 година или нешто под 26 процнети удел.
Истовремено, дизелите од 145 065 возила на улиците или удел од 39 % во вкупниот број регистрирани автомобили во 2014 година, има континуиран раст и се зголемува за речиси два и пол пати на 365 947 регистрирани возила во 2024 и удел од 63 проценти.
(МИА)




